ГРАД НА СИРИГМОФОНИЧНИТЕ МЕДИОКРИТЕТИ – Александар Литовски

Сподели

 

   Александар Литовски

Во целиот блескав и бучен симултанитет од безбројните извори на светло и звуци во градот, во конфузијата на спојот од староградската и современата архитектонска смисла и бесмисла, во метежот на уличната толпа во која праведниците и вистинските интелектуалци се помешани со блудниците, полицајците, криминалците и питачите, во непрекинатата галама на возила, во рекламните натписи, кратко кажано – во хаосот на современиот град, загрижениот илустратор на актуелната градска разгледница, се чини, нема да пронајде ништо вредно за овековечување. Ваквата жална ситуација, помеѓу останатото, е последица на фактот дека една од главните карактеристики на денешниот модерно организиран /мало/граѓанин, на оној кој држи до својот малограѓански и снобовски имиџ, е онаа често да создава звуци со непотребно високи децибели, односно да произведува бесмислени пискотници и со уживање да учествува во заглушувачката галама. Особено, /мало/граѓанинот не сака и не ја избегнува празничната ѓурултија, кога со денови се пие, јаде, пее, игра и вреска, туку напротив, со цело срце, и се приклучува и ја збогатува со свои разни неартикулирани звуци. Секако, свадбарската парада на „пијанство и кич“ /Балашевиќ/, спаѓа токму во овој вид на забава за малограѓанската клиентела. Во крајна линија, се работи за смртно досадни, секогаш исти, константно репризни и велелепно монотони деноноќни дисхармонични вибрации на паланката, кои измешани со оловно сивиот воздух и велелепната необразованост и простотија, предизвикуваат кај секој разумен човек, барем од време на време, а некогаш дури и често, да добие нагон за повраќање и неодолива желба да побегне во некоја пустелија и самотија.

Еден од клучните аспекти заради кој е можна функционалноста на една изместената аксиолошка скала во организацијата на градскиот живот, е малограѓанската манипулација и банализација на јавната сфера. Политичко-буржоските креатури кои ја поседуваат општествената и финансиската моќ, кои, всушност, заедно со професионалните конзервативно-фашизоидни клирици, се креатори на јавниот живот, и кои, севезден неразбирливо кркорат и вербално онанираат за прогрес и морал, без раска одговорност, практикуваат негативен општествен инеженеринг со кој, не само што креираат грешен идеал за среќа, туку произведуваат слој на привилегирани и субвенционирани полтрони и антиталенти. Сите тие заедно се новата малограѓанска сиригмофонична толпа, која е целосно лишена од етички и политички вредности, која нема никаков стил и вкус, која „ужива“ и е „среќна“ во какафоничната бучава, како што свињата ужива да се прпелка во кал, и која е лишена од способноста за слободно и критичко промислување на стварноста. Нормално, токму такво е и стадото од политички следбеници и религиозни верници кое робовски им е потчинето.

Клонирана толпа од ситни буржуи, политички функционери и полуинтелектуалци, единствено што знае е да прави профит преку измами и криминал, а нејзините припадници секогаш дејствуваат „од позадина“, односно сè некого озборуваат и на некого му подметнуваат. Така, преку празните и бесмислени политички или интелектуални апотеози изрекувани на разните општествени и квазикултурни гала-приеми, преку змиските шиштења на уво за брачните неверствата и хомосексуалните склоности за време на филмските или театарските премиери, преку секојдневните громогласни и невтемелени суперлативи за сопствената способност во парафоничната и оксифонична кафеанска атмосфера, преку мноштвото прошепотени сплетки со алузии за предавства и омрази, се создава и надградува „богатиот“ малограѓански /ситно/буржоаски живот.

Ваквата таутофонична атмосфера и целиот лицемерно-лажен живот во градот во кој антиталентирани и некултурни простаци глумат политичари и имаат свои поддржувачи во ордата од квазиновинари, квазиархитекти, квазиправници, квазипоети, квазиписатели, квазиинтелектуалци, па дури и квазипролетери и квазилуѓе, на крајот ја прави плаузабилна онаа фаталистичка мисла: Од овој град на медиокритетите, порано или подоцна, нема да остане ни камен на камен!

Александар ЛИТОВСКИ