13-ти Македонски фестивал во Томастаун: Кога дождот не може да му наштети на меракот!

Сподели:

Иако времето реши да нè „почести“ со дожд во текот на целиот ден, ведриот дух и позитивната енергија на нашиот народ уште еднаш покажаа дека македонската традиција тука, во Австралија, се негува со полно срце.

Годинава, паркот RGC Cook Reserve, благодарение на организацијата на Macedonian Australian Community (MACO), нејзините членови и Plenty Valley Lions Club, навистина оживеа.

Атмосферата ја стоплија нашите играорни групи кои со преубави носии и гордост настапија на сцената, а присутните, иако со чадори или пак засолнати под стреата, сепак уживаа во безвременските македонски песни и кулинарските специјалити.

“Убаво е чувството да се биде дел од ваква културна манифестација и како изложувачи да го подготвиме ова катче со разновидни производи со македонска нишка, изработени со многу љубов, а пред сѐ, со силна семејна поддршка. Нема поголема среќа од тоа кога најблиските ви се десна рака во остварувањето на замислата!” – изјави Светлана Јаневска од Мелбурн.

“На наше задоволство и чест, нашето катче го посетија и високите официјални гости, на кои со гордост лично им ја подарив мојата книга „Летот на мојата гулабица“, на новиот македонски амбасадор, Стојанче Китаноски, и на пратеничката за Томастаун, Бронвин Халпени (Bronwyn Halfpenny MP).

Заедно со нив, како и со федералната пратеничка Касандра Фернандо (Cassandra Fernando MP), поразговаравме дека поддршката за подигањето на свеста за заштита на женското здравје е од особена важност. Навистина сум благодарна за нивниот искрен интерес и за прекрасните зборови на поддршка.

Секако, фестивалот не помина без убаво дружење со нашите уметници и автори. Посебно ми беше задоволство што го посетив катчето на писателката Ljubica Popovska, која го имаше претставено своето богато творештво, и секако си направивме заедничка фотографија за спомен.

Голема благодарност за посетата и поддршката и до нашата Tatjana Lazarevska, како и до младиот Petar Damceski, кој со својот настап на сцената во традиционална македонска носија донесе посебен сјај на денот.

На овој фестивал со гордост ги претставивме нашите три креативни приказни: Слатките и солени пецива на @svetlanas_events_and_cakes, Уникатните, рачно изработени подароци за заштита на женското здравје на @vs_janevska_atelier, книгата на Весна Јаневска „Летот на мојата гулабица“.

Од срце им благодарам на организаторите, на сите вредни членови на MACO за целиот труд околу настанот, како и на секој еден од вас кој застана на нашето катче, ни подари насмевка и ни кажа убав збор.

Токму тие моменти ни ги греат душите. До следниот собир! Поздрав од нас до вас! И најважно, останете во добро здравје!”

Светлана Јаневска, Мелбурн

Сподели: