Во Атина закажана средба Мицотакис – Заев

Сподели

 

Премиерот Зоран Заев,  во среда ќе престојува во Атина, во рамките на конференцијата на „Економист”, каде што ќе биде и премиерот на Албанија и ќе се сретне и со двајцата, – изјави грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на денешната прес-конференција во Солун и додаде дека постојат прашања за дискусија, јави дописничката на МИА од Атина.

Мицотакис изјави дека конкретната тема е затворена, со оглед на тоа дека станува збор за меѓународен ратификуван договор, а Грција ги почитува таквите договори.

-Прашањето е затворено од моментот кога Грција го ратификуваше меѓународниот договор. Континуирано ја изразувавме нашата резервираност, но исто така имавме кажано дека Грција е земја на владеењето на правото и ги почитува меѓународните ратификувани договори. Ова прашање, да, затворено е, но она што не е затворено е правилното имплементирање на, според нашето мислење, еден проблематичен договор. И штом сме резервирани или постојат прашања за кои треба да се разговара, со господинот Заев или со било кој и да е премиер во Македонија, очигледно дека ќе разговараме. Господинот Заев, за три дена ќе биде во Атина во рамките на конференцијата на „Економист”, каде што ќе биде и премиерот на Албанија и ќе се сретнам и со двајцата. Имаме прашања за дискусија, соседи сме, рече Мицотакис, пренесе МИА.

Грчкиот премиер објасни дека со премиерот на Албанија Еди Рама ќе разговараат за одлуката на Грција за проширување на морските територијални води во Јонското море, но и истакна дека „Грција треба да има протагонистичка улога на Балканот и ќе има протагонистичка улога на Балканот”.

Премиерот Зоран Заев, во среда ќе учествува на „24-та тркалезна маса со грчката Влада”, односно дводневната конференција на Економист, што традиционално се одржува секоја година, а сега е закажана за 15 и 16 септември во областа Лагониси, во источниот дел на регионот Атика.

Според објавената агенда, македонскиот премиер ќе учествува на панел дискусија посветена на Западен Балкан, на вториот ден од конференцијата.

За проширувањето на ЕУ и следните чекори, за реформите што треба да се спроведат, како и за трговијата и инвестициите, на панел дискусијата посветена на Западен Балкан, ќе дискутираат премиерот на Македонија Зоран Заев и премиерот на Албанија Еди Рама, додека пак за политичката перспектива ќе говорат поранешните министри за надворешни работи на Грција Дора Бакојани и Јоргос Катругалос, кои сега се пратеници од Нова демократија, односно СИРИЗА.

Меѓу најавените учесници на дводневната конференција се и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, лидерот на СИРИЗА Алексис Ципрас, министри од грчката Влада, меѓу кои и оние за надворешни работи, за здравство, за одбрана, за инвестиции, шефот на кипарската дипломатија, амбасадорот на САД во Грција итн.

На ланската конференција на Економист, односно на 23-та тркалезна маса со грчката Влада, учествуваше тогашниот шеф на македонската дипломатија Никола Димитров.