Апасиев: Електронското гласање е чист каприц на ДПМНЕ

Сподели:

По пропаѓањето на разговорите за новиот Изборен законик, претседателот на Левица, проф. д-р Димитар Апасиев, истакна дека причината за неуспехот е инсистирањето на ДПМНЕ на решенија за кои однапред било јасно дека нема да добијат консензус. На овој начин намерно се зачувува постојното изборно статус-кво, од кое единствено штета трпи Левица како единствена партија дискриминирана во финансирањето и платеното политичко рекламирање:

„Онаму каде што се запна е електронското гласање. Самото електронско гласање, ничем изазвано, се појави на преговарачката маса!? Тоа не е препорака ниту на ИФЕС, ниту на ОБСЕ/ОДИХР. Тоа е чист каприц на ДПМНЕ, како кукавичко кајце, со цел да ги минира преговорите.

Сиот овој процес нѝ дава индиции дека е заговор на двете најголеми партии повторно Левица да остане без државно финансирање, затоа што во вакво статус-кво единствен кој губи е Левица. Остануваат непринципиелните правила на политичка ДИСКРИМИНАЦИЈА. Проблемот е што се повикуваат на францускиот модел, кој е неприменлив во Македонија. Франција има околу 3% дијаспора, а Македонија околу 33%. Единствено бевме подготвени да разговараме тој модел експериментално да се примени само на Претседателските избори поради цензус, но договор не беше постигнат“, изјави Апасиев.

Власта се обиде Изборниот законик да го протне без вистински политички консензус, игнорирајќи суштински прашања кои директно влијаат врз фер и демократскиот изборен процес и вметнувајќи одредби што никогаш не биле предмет на јавна расправа или политички договор. Наместо правила еднакви за сите и подобрување на изборниот модел и процес, ДПМНЕ турка Изборен законик скроен според интересите на големите политички партии, велат од Левица.

Со 3.500 амандмани, Левица се спротивставува на овој обид изборниот процес дополнително да се извитопери во корист на власта. Кога не можат да ја победат единствената вистинска опозиција политички, се обидуваат да ја ограничат законски.

Сподели: