Апелациониот суд Скопје во интерес на јавноста и медиумите информира дека постапувајќи по кривичниот предмет КОКЖ-26/26, во јавноста познат како „Меѓународен сојуз“ по одржана јавна расправа, на ден 03.11.2026 година, донесе одлука со која, обвинетиот Б.Ј. од С. го ослободи од обвинение за кривично дело Измама од член 247 став 4 в.в став 1 в.в член 45 од Кривичниот законик и кривично дело Перење пари и други приноси од казниво дело од член 273 став 1 од Кривичниот законик, обвинетата Ј.Е. од С. ja ослободи од обвинение за кривично дело Перење пари и други приноси од казниво дело од член 273 став 1 в.в член 24 од Кривичниот законик, обвинетата Х.Б. од С. ja ослободи од обвинение за кривично дело Перење пари и други приноси од казниво дело од член 273 став 1 в.в член 24 од Кривичниот законик и обвинетиот и М.Ј. од С. го ослободиод обвинение за кривично дело Перење пари и други приноси од казниво дело од член 273 став 1 в.в член 24 од Кривичниот законик.
Спрема правното лице М.С. од С. го одби обвинението за кривично дело Измама од член 247 став 8 в.в став 4 в.в став 1 од Кривичниот законик, бидејќи јавниот обвинител од започнувањето до завршувањето на расправата се откажа од обвинението.
Имено, Апелациониот суд Скопје по разгледување на списите во предметот, пресудата, изјавените жалби, предлогот на Вишото јавно обвинителство Скопје, како и доказите изведени на одржаната јавна расправа, утврди дека од изведените докази не е докажано дека обвинетите ги сториле кривичните дела што им се ставаат на товар.
Имено, по однос на кривичното дело Измама судот оцени дека не е докажано постоење на однапред формирана измамничка намера кај обвинетиот, имајќи предвид дека за реализација на проектите биле преземени конкретни подготвителни активности, изработена проектна документација и склучени договори и меморандуми за соработка и на оштетените им биле познати условите од договорите и се согласиле со истите со потпишувањето. Притоа, самото неисполнување на договорните обврски не значи и постоење на кривично дело, особено кога реализацијата на проектите зависела од повеќе фактори и била поврзана со деловен и инвестициски ризик.
По однос на кривичното дело Перење пари и други приноси од казниво дело, не се докажани предикативните кривични дела со кои е остварен криминален принос, а воедно не се наведени ниту дејствијата во што се состои предикативното кривично дело Примање награда за противзаконито посредување од член 359 став 7 в.в став 3 в.в став 2 од Кривичниот законик. Без докажување на предикативното дело не е остварено битието ниту на кривичното дело Перење пари и други приноси од казниво дело од член 273 став 1 в.в член 24 од Кривичниот законик.
Пресудата на Апелациониот суд Скопје, согласно законските одредби не е правосилна и странките имаат право на жалба до Врховниот суд на Република Северна Македонија, во рок од 15 дена од приемот на одлуката.
Во тек е писмената изработка на одлуката.
Јавноста дополнително ќе биде известена за објава на одлуката на Апелациониот суд Скопје по конкретниот предмет која ќе биде достапна во целост на веб страната на судот, согласно Законот за судовите и Законот за управување со движењето на предметите во судовите.
фото скриншот


