Национален џез оркестар: Од Евридика до „Чијаси“ – 80 години Славе Димитров

Сподели:

Има песни што не припаѓаат само на времето во кое се создадени. Тие стануваат дел од нашето колективно сеќавање, од личните приказни, спомените и чувствата што низ годините ги споделуваме. Такво е музичкото наследство на Славе Димитров, автор чии песни оставија длабока трага во македонската музичка култура.

На 28 ноември, во Македонската филхармонија, со концертот „Од Евридика до Чија си“ ќе го одбележиме неговиот 80. роденден – вечер посветена на неговото творештво, песните што ги одбележаа генерациите и музиката што продолжува да живее.

Безвременските „Чија си“, „Делфина“, „Каде песно моја“ и многу други антологиски песни ќе добијат ново оркестарско руво во изведба на Националниот џез оркестар, заедно со гласовите на Калиопи, Каролина Гочева, Тамара Тодевска, Игор Џамбазов, Сашо Гигов-Гиш, Олгица Христовска, Елена Ристевска, Пере и Миа, Ѓоко Таневски, Александар Тарабунов, Дац и Александар, Маја Панчева, Барбара Поповиќ, Павле Камиловски, Стево и Сара Чепишевски, Ана Петановска, Билјана Гошева, Маја Саздановска, Ана Костадиновска, Мартија Станојковиќ и Лина Пејовска.

На сцената ќе биде и самиот Славе Димитров, чие присуство ќе му даде посебно значење на ова јубилејно одбележување.

28 ноември, со почеток од 20 часот, во Македонска филхармонија, Диригент: Џијан Емин

Билетите за концертот може да ги набавите онлајн на https://mktickets.mk/event/80-godini-slave-dimitrov/ и на продажните места на 🎫 MkTickets.

Славе Димитров

Сподели: