Архивот одбележа 70 години постоење: Трезор на македонската историја, култура и наука

Сподели
 
 
Државниот архив на Северна Македонија кој денеска слави 70 години од формирањето е темел на нашиот идентитет, чувар на нашата колективна меморија и националните вредности.
 
 
 
Токму на денешен ден, во 1951 година, првпат Државниот архив го добива своето место како самостојна институција со ингеренции и одговорност, да го прибира и чува колективното паметење на нашите предци за да го наследат и афирмираат генерациите што доаѓаат.
 
 
 
 
Владата е посветена на создавањето најдобри можни услови за функционирање на Државниот архив, односно дигитализација на архивските документи и материјали, како и изнаоѓање на соодветен објект со европски стандарди, со техничкото опремување и со донесувањето нов Закон за архивска дејност.
 
 
 
 
Директорот на Државниот архив Емил Крстески, пред државниот врв, историчари и амбасадори, изјави дека Архивoт во изминатите 70 години се гради како значајна државна институција, и дека тој е трезор на оригинални документи, писма, фотографии и други материјали од познати револуционери, илинденци, просветители и писатели, уметници, општествени дејци, како и документи од најзначајните политичко-историски процеси, настани и личности за нашата земја.
 
 
 
 
„Во сите изминати години очигледен е постојаниот раст на Државниот архив, кој добива свој европски лик со прифаќањето на европските начела и прописи што се однесуваат на архивистиката и кои се вметнати во новиот Закон за архивска дејност, како и со спроведувањето на процесот на дигитализацијата на историските документи и материјали“, кажа Крстески.
 
 
 
 
Во издание на Државниот архив, е објавена Монографијата ,,Печат на времето – 70 години Државен архив (1951-2021)”, во која е даден преглед на растежот на оваа значајна историско-научна и културна институција, која е паметник и чувар на нашето минато и светилник за нашата иднина.
 
 
 
 
“Денеска одбележуваме исклучително значаен јубилеј – 70 години од формирањето на Државниот архив на Република Северна Македонија. Оваа институција е темел на нашиот идентитет и сведок на нашата историја, култура и традиција и несомнено има значајна улога како чувар на нашата колективна меморија и националните вредности, изјави премиерот Заев.
 
“Владата е посветена на создавањето најдобри можни услови за функционирање на Државниот архив, особено за процесот на дигитализација на архивските документи и материјали и за изнаоѓање соодветен објект со европски стандарди, со техничкото опремување и со донесувањето нов Закон за архивска дејност.
 
Како покровител на јубилејот на Државниот архив и како претседател на Владата на Република Северна Македонија, сакам да ја искажам мојата искрена и длабока почит кон сите сегашни и поранешни вработени во Државниот архив, кои посветено работеле и оставиле значаен печат во оваа институција и за нашата историја”, изјави премиерот.
 
 
 
 
“Државниот Архив е највредниот културен и историски трезор. Неговата вредност е од национално значење. Честитки за големиот седум децениски јубилеј”, истакна претседателот Стево Пендаровски.