Бугарија ја повика хрватската амбасадорка, за изјавата на Милановиќ за Македонија

zoran milanovic fb
Сподели

 

Хрватската амбасадорка во Софија, Јасна Огњановац беше поканета на интервју во бугарското Министерство за надворешни работи, заради изјавата на претседателот Зоран Милановиќ, кој „остро ја нападна политиката на Бугарија кон европската интеграција на Северна Македонија“, пренесе агенцијата МИА, повикувајќи се на изјава објавена на официјалната веб-страница на бугарското министерство.

Огњановац беше повикана од генералниот директор за европски прашања Румен Александров, кој, како што се наведува во изјавата, ја опиша изјавата на Милановиќ како „неприфатлива и неоправдана“.
 

Александров рече дека е разочарувачко со оглед на одличниот билатерален дијалог и едногласност на Загреб и Софија за голем број европски и регионални прашања, но и фактот дека Бугарија и Хрватска, како соседи на регионот, се природно поврзани со заеднички интерес за реформи, стабилизација и блиска интеграција на Западен Балкан во ЕУ.

Хрватскиот претседател Милановиќ, пред два дена оцени дека Македонија се наоѓа во една невозможна позиција во процесот на евроинтеграциите.

„Ова што сега е официјална политика на една земја-членка на ЕУ и го прави на Северна Македонија и јас го нарекувам „влегување во туѓо“, односно влегување во интимниот простор. Да се бара од една земја кандидат, која и во преговори за членство, во учебниците по историја својата национална генеза да ја дефинира, онака како што тоа го бара соседна држава. Тоа е влегување во интимен простор и тоа не се прави. И, на тоа, отворено ќе се спротивставам“, рече Милановиќ.