Бундестагот даде недвосмислена поддршка за нашето членство во ЕУ со заштитен јазик, идентитет и култура

Сподели

 

Претседателот на Владата Димитар Ковачевски, во интервју за Канал 5, ја поздрави одлуката на германскиот парламент, кој усвои резолуција со која ги потврдува македонската култура, јазик, идентитет. За премиерот Ковачевски, оваа одлука на Бундестагот е потврда на недвосмислената поддршка на Северна Македонија за зачленување во ЕУ со својот идентитет, јазик, култура и историја како дел од вкупниот мозаик на европската култура.

„Ова е апсолутно голема одлука на Бундестагот во Германија, тоа е одлука која што јас ја најавив прв, меѓутоа не ја посочив државата. Кажав дека една од најголемите држави во ЕУ по сите параметри меѓутоа и една од најголемите држави во светот по сите параметри ќе донесе резолуција во својот парламент за потврда на недвосмислената поддршка на Северна Македонија за зачленување во ЕУ со својот идентитет, јазик, култура и историја како дел од вкупниот мозаик на европската култура. Сум среќен што тоа го направи германскиот Бундестаг“, рече премиерот Ковачевски во интервјуто.

Претседателот на Владата изрази жалење што резолуцијата не доби поддршка од партнерските и сестрински партии на ВМРО–ДПМНЕ.

„Треба да размислат во нашата опозиција дали воопшто се потрудиле да ги презентираат позициите на нашата држава кај своите партнери во Бундестагот или пак можеби правеле нешто спротивно со политичари од сестрински партии од други држави, како што се слушаа гласини, кои што се непотврдени, меѓутоа треба да се каже дали бивши министри за надворешни работи, а сегашни мејнстрим говорници на ВМРО–ДПМНЕ имале дури можеби и спротивен став од тоа што беше донесено во Бундестагот. Меѓутоа, на крајот останува задоволството дека Северна Македонија ја има поддршката на една од најзначајните и најголемите држави во Европа и светот по однос на сите наши идентитетски обележја и зачленувањето во ЕУ. Јас уште еднаш ќе потврдам дека ваква потврда ќе дојде и од друга држава, исто така една од најголемите држави во светот, не е дел од ЕУ, меѓутоа и од други држави дел од  ЕУ. Со тоа недвосмислено сите ја покажуваат поддршката за нашата држава во овој геополитички момент и ја потврдуваат вистината за нашата историја, култура и идентитет и со тоа им се потврдува на граѓаните дека ние имаме голем број на пријатели во светот, пред се во Европа кои што се застапуваат за исти вредности за кои се застапуваме и ние“, изјави Ковачевски во интервјуто за Канал 5.

Премиерот за усвоената резолуција упати благодарност до социјалдемократите, либералите во Германија кои што се сестринска партија на ЛДП и партијата на зелените во Германија, кои што се сестринска партија на ДОМ во Република Северна Македонија и се дел од владината коалиција.