Чествувања за “Свети Климент Охридски”, Патронот на Охрид

Сподели

 

Денес е промоцијата на делото “Книгата за светите браќа Климент и Наум” од проф.д-р Димитар Пандев и Славе Ѓорѓо Димоски

Во Охрид се во тек низа активности по повод одбележувањето на утрешниот голем празник, 8 Декември, Денот на Свети Климент Охридски – Патронот на градот.

Централен настан е Свечената академија, која ќе се одржи вечерва во 20 часот во НУ Центар за култура „Григор Прличев“.

На Академијата ќе биде врачена Свети Климентовата награда, која оваа година ја доби архимандритот Нектариј од манастирот Св. Наум Охридски.

Со бројни свеченоста се одбележува и патрониот празник на гимназијата „Св. Климент Охридски“.

Денеска напладне, во големата сала на Општина Охрид, ќе биде одржана промоција на делото “Книгата за светите браќа Климент и Наум” од проф.д-р Димитар Пандев и Славе Ѓорѓо Димоски. Книгата е во издаваштво на општина Охрид, уредник е Митре Вељаноски, под чии заложби досега е објавена едиција на значајни дела од македонската историја, лингвистика и книжевност.

Најновото дело на книжевниот тандем, Пандев – Ѓорѓо Димоски, “Книгата за светите браќа Климент и Наум”, носи бројни научни студии на руски учени луѓе од 18 и раниот 19 век, меѓу кои и на Николај Туницки, кои низ научна документаристика, го потврдууваат епохалното дело на основачите на првиот словенски универзитет во Охрид. Воедно и универзалната книжевно-просветителска дејност на охридската книжевна школа, пред се, за словенскиот свет, но и воопшто.

Поместени се и прилози за светите Климент и Наум во македонската публицистика, почнувајќи од Јордан Хаџи Константинов – Џинот (Цариградски вестник бр.218 од 26.03.1855), преку  Димитар Ниладинов (Цариградски вестник бр.476 од 26 март 1860), до Блаже Конески, Иван Мазов и други.

Авторите даваат објаснување и за Првото житие на Свети Наум, во општословенски и македонски контекст, напишано од негов ученик, веднаш после смртта.

Промотор на изданието ќе биде Диме Ратајкоски.

Веле Митаноски