Чифте амам: Голема изложба на Младен Туниќ на „Литера 2021“

Сподели

 

Околу 230 илустрации што со децении красат сликовници, детски книги, учебници, детски списанија, 40-тина книги ќе бидат дел од првата ретроспективна изложба на дела на илустраторот Младен Туниќ, што ќе биде отворена вечерва (3 јуни) во 19.30 часот во Чифте амам во Скопје. Организатор на изложбата која е насловена „Детската радост на Младен Туниќ“ е Фестивалот за литература и илустрација „Литера“, кој своето трето издание ќе го започне токму со оваа важна изложба.

-Фактот што во Македонија досега не е реализирана изложба на делата на еден од доајените на македонската илустрација, доволно кажува колку како културна средина и држава обрнуваме внимание на нашите основоположници и доајени, велат од тимот на фестивалот. За Туниќ има многу малку пишани податоци, многу малку се чуваат неговите дела и се што успеавме да собереме е со помош и огромна поддршка на неговото семејство, кому сме особено благодарни. По големиот залак и организирањето на изложбата на Димитар Кондовски минатата година, одлучивме дека мораме да продолжиме во оваа насока и на новите генерации да им ги промовираме корените, основите на илустрацијата и на книгоиздателството – велат од „Литера“.
Изложбата, која се реализира со поддршка на „Халк банка“, ќе биде отворена три недели. „Литера“ ги кани сите деца што сакаат да творат, инспирирани од илустрациите на Туниќ, да повелат во просториите на Чифте амам.

 

 

Младен Туниќ е роден во Призрен во 1930 година. На пет години неговото семејство се преселило во Скопје, каде тој го завршил основното образование во ОУ „Браќа Миладиновци“. Талентот за цртање од мал го одвел во средното Училиште за применета уметност, каде се запишал во 1945 година, на отсек сликарство. Тој им припаѓал на првите генерации ученици на ова училиште.

Неколку години по завршувањето на средното образование, почнал да работи во весникот „Нова Македонија“, како ликовен уредник – илустратор. Тој е еден од основачите на „Детска радост“, а бил одговорен ликовен уредник на сите детски списанија во издание на оваа издавачка куќа – Росица, Другарче, Развигор. Кога бил основан весникот „Вечер“ во 1963 година, Туниќ бил ликовен уредник. Тој е автор на логото на „Вечер“.

Освен што создал илустрации за деца, Туниќ има илустрирано и многу книги за возрасни. Учествувал на многу изложби во земјава и во странство.

Тој е еден од основачите на „Маџирмаалските средби“, кои и ден денешен се одржуваат. Починал во 1985 година во Скопје.

-Како фестивал сакаме да дадеме наш придонес во позиционирањето на македонската книга и илустрација на вистинското место, да им подадеме рака на помладите, но и да помогнеме квалитетот да го добие своето место. Мора да се знае дека авторите заслужуваат поголема поддршка од државата, оттаму почнува се. Не може да се очекува квалитет, доколку издавачите имаат ситни буџети од кои мора да штедат за да издадат кнгиа за деца. Не смееме да штедиме на децата, тие се идната публика која сите мечтаеме да ја создадеме – велат од „Литера“.

Освен изложбата на Туниќ, на 3.издание на фестивалот ќе организираме и онлајн-мастерклас на големиот хрватски илустратор, сликар и скулптор Свјетлан Јунаковиќ. Тој ќе се одржи на 7 јуни во 18 часот на зум-платформата, а поканети се да се пријават сите илустратори, уметници, студенти, ентузијасти во оваа област.

Јунаковиќ е еден од предводниците на хрватската уметничка сцена. Работилницата ќе трае два часа и е наменета за сите студенти, млади илустратори, уметници и сите вљубеници во оваа дејност, кои сакаат да дознаат повеќе за илустрацијата како уметност, но и да научат од богатото искуство на Јунаковиќ.

Свјетлан Јунаковиќ е роден на 23 јануари 1961 година во Загреб. Тој е сликар, скулптор и илустратор, најдобро познат по неговите детски сликовници. Освоил бројни меѓународни награда за неговите илустрации и учестувал на бројни изложби низ Европа. Дипломирал на Академијата „Брера“ во Милано, каде и специјализирал скулптура. Тој е професор на Академијата за применета уметност во Загреб и на Меѓународната школа во Сармеде во Италија.

Јунаковиќ беше финалист на меѓународното биенале на наградата Ханс Кристијан Андрeсен во 2008 и 2010 година. Многу меѓународни награди се дел од неговата биографија.

-Неизмерно сме среќни што еминентниот хрватски професор и уметник Свјетлан Јунаковиќ се согласи да биде наш гостин, иако од далечина, но сепак, времето што ќе го одвои за илустраторите од Македонија, е бесценето. Големите професионалци како Јунаковиќ ги препознаваат волјата и  ентузијазмот на еден мал тим како нашиот на „Литера“ да се влијае врз развојот на илустрацијата кај нас, особено што таа сѐ уште го нема обезбедено заслуженото место во академското образование. Ги покануваме сите илустратори, студенти, ентузијасти во оваа област, да се пријават на мастеркласот и да ја искористат можноста да учат од мајсторот на хрватската илустрација, Јунаковиќ – вели Софија Семенпеева-Трајановска, основач на фестивалот.

На 8 јуни во 19 часот во Чифте амам ќе биде организирана тркалезна маса на темата „Како македонската литература за деца полесно да ги помине границите на нашата земја?“. Ќе разговараме за можностите за превод на нашите дела и на меѓународната афирмација. Ќе учествуваат: Билјана Црвенковска, писател и основач на „Чудна шума“, Александра Јуруковска, литературен критичар, Татјана Димовска-Атанасовска, уредник во „Арс Ламина“ и Ване Костуранов, илустратор и автор на сликовници. Модератор ќе биде Сребра Ѓорѓијевска.

Третото издание на Фестивалот за литература и илустрација за деца годинава е во проширен формат. Тркалезни маси, работилници за деца ќе бидат дел од програмата на фестивалот во вториот дел на фестивалот – во септеври. Наесен ќе организираме патувачки караван и ќе посетиме повеќе деца во рурални средини, со цел да им ја доближиме книгата.

Фестивалот го поддржуваат: Халк банка, Министерството за култура, Софија принт, Маја вода, Вива сокови и Жито Пром Гевгелија.