Алтернатива Настани

Чифте амам: Изложба „Ателје, Радоста на сликањето“ – Рубенс Корубин

Национална галерија, Чифте амам, Изложба “АТЕЛЈЕ, Радоста на сликањето” – РУБЕНС КОРУБИН, 8. октомври, 20.00 часот

 

***

Рубенс Корубин веќе долг низ на години се наоѓа во самиот врв на современото македонско сликарство. Тој работи во повеќе медиуми (сликарство, цртеж, графика, и мозаик), а неговите дела претставуваат ретки, совршени унии помеѓу темата и начинот на експресијата.

Уметноста на Корубин сведочи за исклучителна способност за прикажување на едно ретко емотивно богатство, а ги поседува и сите знаци на големо сликарско мајсторство. Еден романтичен сликар, тој е уметник кој ја искажува сопствената деликатна визија и сопственото разбирање на материјалните и емотивните елементи кои го сочинуваат нашиот свет.

На изложбата ќе бидат прикажани негови нови дела, настанати во последните неколку години. Покрај новосоздадените, истовремено, на изложбата ќе бидат поставени и постари дела во сопственост на авторот, дел од неговата лична колекција, со што таа добива и ретроспективен карактер, правејќи пресек и на претходните фази во неговиот ликовен опус.

„Ателје, Радоста на сликањето“ е еден своевиден јубилеј со кој авторот одбележува седумдесет години живот и четириест и пет години од дипломирањето на Ликовната академија во Белград.

Сподели: