Чифте амам: Меѓународна изложба “FLUX IDENTITY”

Сподели

 

Годинешната програма на Националната галерија започнува со меѓународна изложба, по една година одложување на меѓународните проекти заради состојбата со пандемијата на Ковид 19, со изложбата FLUX IDENTITY, современата уметничка сцена на Канада во дијалог со уметниците од РС Македонија.

Организацијата е во соработка со Канадската Амбасада и невладината организација „Визарт“ од Нови Сад, Србија. Отворањето е во среда, 10 февруари 2021, во 19 часот, објект Чифте амам.

На изложбата FLUX IDENTITY, динамичен дијалог на тема идентитет и неговата разновидност водат уметници од Канада: Two Gullivers (Бесник и Флутура Хаџилари), Милутин Губаш, Сандра Брустер, Весна Перунович, Коко Гузман, Боја Васиќ, Стјуарт Рид, Садко Хаџихасановиќ и од РСМакедонија: Моника Мотеска, Вана Урошевиќ, Роберт Јанкулоски, Дијана Томиќ Радевска, Велимир Жерновски, Шќипе Мехмети.

Тие се фокусирани на темата за идентитетот, разбрана во поширока смисла, со многу паралелни слоеви, бидејќи денес идентитетот повеќе не се препознава како единечен, туку како распарчен и раскршен, флуиден и пропустлив. Идентитетот е постојано во процес на промена и трансформација. Во денешно време, постојаните движења и миграции на населението, како и животот во имиграција, го прават потеклото на поединецот и неговата автентичност веќе нестабилни концепти. Доаѓајќи во ново опкружување, едно лице носи со себе специфичен културен идентитет што се вкрстува и се меша со различни идентитети на новата социјална заедница. И така, се создава симбиоза на различности.

Во рамките на проектот FLUX IDENTITY, идентитетот ќе се разгледува од различна почетна перцепција: национална, етничка, лична, полова, економска, културна, технолошка, социолошка, антрополошка, етнолошка, верска, визуелна, професионална, дигитална, корпоративна, звучна, семејна, социјална, вредносна и слично.

Прашањето за идентитетот е прашање на самата суштина на човекот. Тоа е неговата врска со минатото, сегашноста и со предвидувањето на иднината. Поради својата важност, темата за идентитетот се најде во центарот на уметничкото истражување на уметниците собрани на изложбата FLUX IDENTITY. Тие ги развиваат своите уметнички концепти движејќи се низ проширено поле на уметност, инкорпорирајќи го во него нивниот личен дискурс, искуствената визија, различните уметнички процедури и процеси. Нивната уметничка практика се реализира преку просторни, мултимедијални и интерактивни инсталации, цртање, перформанси, видео, фотографија и дигитална уметност.

Автор на проектот и куратор е Светлана Младенов од „Визарт“ – Нови Сад, стручна соработка на проектот е на Весна Перуновиќ, а кустос-соработник од Националната галерија е Ана Франговска.

Изложбата ќе биде поставена до 26 февруари 2021 година.