Давкова: Јазикот не е само збир на зборови, туку и колективна меморија, вредносен код

Сподели:

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, по повод Денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј, изјави дека нивното благословено и благородно дело и денес има обединувачка моќ и се смета за заедничко историско и цивилизациско наследство.

“Малкумина луѓе во историјата имале чест да бидат перцепирани од многу народи и држави како апостоли и заштитници на Европа! Такви се солунските браќа, творците на глаголицата, објавувачите на божјата вистина на старословенски јазик, втемелувачите на сесловенската историја, описменувачите и просветителите на словенските народи. Нивното благословено и благородно дело и денес има обединувачка моќ и се смета за заедничко историско и цивилизациско наследство.

Колку ли благодарни треба да им бидеме за сеуште живото и почитувано слово, без кое, ниту оние пред нас, ниту ние, не ќе можевме да ги разбереме богослужбените книги, ниту да читаме, учиме, пишуваме и твориме, односно да се просветуваме и просветлуваме.

Кирил и Методиј го изградија и се вградија во темелот на духовниот и културниот идентитет на словенските народи, меѓу кои и на македонскиот. Впрочем, само описменети можеше да се самоосвестиме и ослободиме, најпрво од незнањето, а потем и од потчинетоста од секаков вид.

Да потсетам, во деветтиот век, кога писменоста била привилегија, а словото орудие на духовна и политичка доминација, светите Кирил и Методиј ја започнуваат својата просветителска мисија меѓу словенските народи како апостоли на писменоста, знаењето и духовната еманципација. Нивниот подвиг не се состои само во создавањето на азбуката, туку во отворањето можност словенскиот човек, сопствената мисла, вера и културна самосвест да ги артикулира на јазикот што го разбира и чувствува како близок и свој, борејќи се за него и бранејќи го. Јазикот не е само збир на зборови, туку и колективна меморија, вредносен код и чувство на припадност што еден народ ги пренесува низ времето, од генерација на генерација.

Во време на неизвесност, длабоки поделби и сè поизразена отуѓеност, 24 Мај нè потсетува дека без култура, образование и наука, но и без вредносен систем, ниту едно општество не може да изгради меѓусебна доверба и заедништво. Честит 24 Мај, Денот на светите браќа Кирил и Методиј!”

Сподели: