Вести Став

Демократски сојуз: Гласајте за европска Македонија!

Сподели:

 

Зоран Димитровски, генерален секретар на Демократскиот сојуз, одржа прес конференција, на која ги презентираше ставовите на Демократскиот сојуз за изборите и најави одржување на  VI-от Конгрес на ДС.

Демократскиот сојуз оваа година одбележува јубилеј 20 години од формирањето на партијата, а тоа се совпаѓа со предвремените парламентарни избори што ќе се одржат на 15 јули. Веќе две децении Демократскиот сојуз е препознатлив по својата автентична политичка програма и енергичното залагање на нашиот претседател г. Павле Трајанов за создавање правна држава, борба против организираниот криминал и корупцијата, деполитизирани институции, слободни медиуми.

Изборната програма на Демократскиот сојуз за овие избори оди под мотото „За Европска Македонија“. Нашето дведецениско залагање за европски вредности и стандарди во Македонија е причината што на овие избори Демократскиот сојуз настапува заедно со коалицијата „Можеме“ што ја предводи СДСМ.

Сметаме дека со членството во НАТО и почетокот на преговорите за членство во ЕУ, кои очекуваме да започнат до крајот на оваа година, во Македонија конечно ќе почнат да се почитуваат високите европски стандарди на правдата, слободата и демократијата. Напредокот во европските интеграции го постигнавме со болни отстапки, но тој е најдобриот начин да ги надминеме сите проблеми со кои се соочуваме. Пред се, здравствената и економската криза, но исто така да го реформираме судството, да ја направиме правдата еднаква и достижна за сите, да создадеме услови младите луѓе да останат да живеат во Македонија, да ги кренеме стандардите на демократијата.

За сите овие предизвици, во нашата изборна програма има оригинални решенија, кои се надеваме дека ќе станат дел од владината програма на победничката коалиција.

Демократскиот сојуз ќе го одржи својот Шести Конгрес во сабота на 11 јули во 11 часот пред Хотелот „Белви“ со почитување на сите заштитни мерки и здравствени протоколи. Конгресот ќе биде изборен, каде што ќе бидат избрани нови раководни тела на партијата, Централен совет и претседател.

Инаку, на листата на кандидатите на коалицијата за пратеници во ИЕ 4 е нашиот претседател Павле Трајанов.

Почитувани граѓани, Ве повикуваме да гласате за кандидатите под реден број 3 на коалицијата „Можеме“!

Гласајте за Европска Македонија!

 

Сподели: