Во рамките на Светската недела на детето, во градинката „Мајски цвет“ се одржа едукативно дружење со „Светот на Биби“. Дружењето го водеше Златица Апостолов, едукатор од „Светот на Биби“, преку активности од Бибиверзумот – образовна програма која преку игра, цртани филмови и песнички им помага на децата да стекнуваат нови знаења и вештини.
Преку интерактивните активности, децата имаа можност да истражуваат, да поставуваат прашања и да учат на начин кој им е близок и интересен. Дека најубаво се учи кога е забавно, покажаа и насмевките и шегите кои ја исполнија градинката. Активностите беа приспособени на возраста на најмалите, со простор секое дете да се вклучи, да ја изрази својата љубопитност и да предложи сопствени идеи.
Ваквиот пристап е дел од начинот на кој е осмислен Бибиверзумот, каде што децата се поттикнуваат да размислуваат, да откриваат, да комуницираат и да учат од сопственото искуство.
Дружењето заврши со уште едно изненадување за децата – мали подароци од „Светот на Биби“. А можностите за игра и учење ќе продолжат и во секојдневните активности во градинката, која неодамна доби сликовници, книги со активности и друштвени игри, соодветни за сите возрасни групи. Преку нив децата ќе можат да откриваат нови приказни, да решаваат задачи, да играат заедно и да учат.
Светската недела на детето, која се одбележува во првата седмица од октомври, е повод дополнително да се стави фокус на создавањето средина во која децата можат слободно да учат, да се развиваат и да ги откриваат своите потенцијали. Преку играта, приказните и интеракцијата, учењето може да биде природен дел од нивното секојдневие.
„Светот на Биби“ е македонски проект кој денес е присутен во повеќе земји од Балканот, Србија, Бугарија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Албанија, Косово, Црна Гора, како и во Италија. Преку анимирани приказни, песнички, книги, игри и едукативни активности, проектот создава содржини кои ги придружуваат децата во растењето и учењето.
Еден пример е филмот „Биби и Боби во светот на бајките“. За него, Министерството за образование и наука даде позитивно мислење за организирано посетување на проекцијата од деца од предучилишна возраст и ученици од прво до трето одделение. Во стручното мислење на Бирото за развој на образованието се истакнува дека содржините на филмот се воспитно-образовно соодветни за оваа возраст, а приказните поттикнуваат добрина, соработка, емпатија, храброст и почитување на другите.
Со цел ваквите содржини да стигнат до што повеќе деца, „Светот на Биби“ е отворен за соработка со сите градинки и училишни центри во Македонија. Заинтересираните установи можат да го контактираат тимот за едукативни дружења и избор на сликовници, книги со активности и друштвени игри, приспособени на возраста и потребите на децата.
Во рамките на Светската недела на детето, најмалите денеска пееја песнички, учествуваа во активности и учеа од содржините на „Светот на Биби“ на начин близок до нивната возраст и интереси.
Идеалаб


