Ниту ПИОМ е пред колапс, ниту пензиите се загрозени. Апокалиптичните сценарија што сака да ги наметне СДС за пензиите, ќе им пукнат како меур од сапуница, исто како што им пукнаа и за сите претходно набројани. Пензискиот фонд е стабилен и пензиите редовно и навремено се исплаќаат. Згора на тоа пензионерите веќе две години по ред добиваат пензии за седум илјади денари линеарно покачени, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ по обвинувањата на СДСМ дека ПИОМ е пред колапс.
Со ВМРО-ДПМНЕ на власт, највозрасната категорија граѓани кои својот живот и работен век го посветиле на градење на Македонија, го добија заслуженото, повисоки пензии за достоинствен живот.
За разлика од периодот на власт на СДС и министер за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска која сега од партиската говорница шири хистерија и паника, пензионерите добиваа минимално покачување на пензиите, власта немаше слух за нивните проблеми, а граѓаните од третото доба беа оставени на милост и немилост, со празни тегли да протестираат за повисоки примања.
СДС и Тренчевска кои беа против зголемувањето на пензиите, сега излегуваат и велат дека не се зголемија колку што требаше. Да се прашуваа СДС, веројатно зголемувањето на пензиите ќе беше како во нивно време кога за времетраење на мандатот, на месечно ниво просечно се зголемуваа по 90 денари.
Кога веќе СДС зборува за некаков ризик и загрозување, им порачуваме да се свртат кон самите себе, затоа што во моментов, поради недовербата на граѓаните и внатрепартиските проблеми, единствено СДС е загрозен од опстанок на политичката сцена, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.


