Колумна Текстови

ДУИ пред трајно пензионирање! – Мерсел БИЉАЛИ

Сподели:

 

  Мерсел Биљали

Денот на изборите е сосема блиску. ДУИ одамно знае дека ни приближно не го добива мнозинството албански гласови. Во последните парламентарни избори таа доби многу помалку од половината излезени албански гласачи, но нејзина среќа беше во меѓусебната искараност на опозиционите партии за  приматот. Тој нивен каприц буквално ја спаси ДУИ од колапс. Сега во ДУИ се свесни дека наликуваат на лош здив – вие не го чуствувате ама на другите многу им пречи. Сите знаат дека во ДУИ борбата за нормалноста е налик на борбата со сопствената сенка. Тука да барате нормалност е само губење време. За локалните избори на ДУИ повторно ја послужи среќата во несреќната одлука на СДСМ, по секоја цена да ја спаси ДУИ од потенцијален изборен колапс што ја очекуваше скоро во сите важни општини! Тоа не беше во ред во однос на нејзините партнери (коалициски и поддржувачи за стратешки цели). Понормално ќе беше СДСМ тогаш да излезеше со став дека во круцијален момент за државата, сите албански партии му се потребни, па затоа ќе беше подобро да ги повика нејзините гласачи да гласат за некоја од нив по сопствено убедување. Наместо тоа, СДСМ со сите сили се стави во служба на победа на ДУИ и во буквална смисла ја спаси таа партија! Но, тоа беше само своевидна пирова победа, оти во душата на многу Албанци се создаде тешка рана дека некој друг им гази по волјата. Почнаа сериозно да се сомневат во искреноста на СДСМ, а ДУИ почна да ја перцептираат како структура која се одржува на власт со украделн легитимитет и кредибилитет. Исто така, сите сфатија дека не постои таков криминал што на некоја партија не може да и се прости!

 

Како ќе заврши ДУИ ?

Сега на ДУИ ништо не и помага освен можеби во нијанси избрзани изјави дека поради таквиот слоган за премиер Албанец, таа ќе заврши во опозиција. Токму и во таа насока таа провоцира пред седиштата на македонските партии. Мислам дека пологични се ставовите дека за тоа треба да имате мнозинство во Собранието. Но, како и да е, сосема е јасно дека ДУИ веќе ништо не може да ја спаси. На нејзино конто од скоро 20 години владеење се припишува исселување од стотина илјади млади Албанци. Секому е јасно дека од економскиот развој тие не ја знаат ни буквата „Е“. Без исклучок (дури и нејзините поддрувачи), ова партија ја идентификуваат со макрокорупција. И сега на ДУИ јазикот силно и грми ама силата тивко и лелека. Секој знае дека тие со години глумеа дека ќе ви ги истеруваат мувите, а реално ќе ви ги пуштаат осите! Луѓето со децении беа препуштени на тотална апатија, а владеењето низ години се претвори во инструмент за лично збогатување. Партијата на власт немаше ни волја, ни знаење, ниту свест дека во економијата е спасот. А изгледа дека немаше ниту интерес. Бројни држави, за 20 години направија економски бум, дури и една Сомалија како симбол на умирањето од глад, веќе 12 години е светски лидер во брзината на економскиот развој. И околните држави кои беа многу поназад од Македонија сега се многу понапред. Бројни витални и способни млади заминаа надвор. Тие имаат фамилии тука кои веројатно едвај чекат да се одмаздат. Дури и тие нивни партиски војници не можат да врзат крај со крај, па многумина веќе ја напуштија работата и заминаа надвор. Исселувањето на Албанците од Македонија е три пати повисок од балканскиот просек. Некои од нив велеа дека не можеа да трпат неинтелигентен и дибидус партиски шефови. Други се мачат како што знаат и умеат ама реално ни малку не им е лесно. ДУИвците економијата ја претвориле во религија, со што создадоа масовни целогодишни пости. А од друга страна сите гледат дека тие нивни функционери кои пред годините немале ни велосипед, сега возат скапоцени џипови. Имаа стари куќи пред уривање, сега поседуваат огромни модерни куќи, вили, хациенди, имоти и фирми тука и надвор! Нивното чаламско неизживеано однесување уште повеќе ги иритира граѓаните.

Оттука, ДУИ мораше да смисли нешто „спасоносно“ што дијамертално се коси со нејзината досегашната барем формално декларирана ориентација. Но, многу е доцна за тоа. Во политиката се доаѓа до моменти кога и дијаманти да делите не можете да ја неутрализирате омразата. Токму тоа и се случува на ДУИ. Исфрлениот „појас за спасување“ – прв премиер Албанец, сега делува неуверливо, тажно, па и комично. Свесна на тоа ДУИ има разговарано со звучни имиња за таква понуда, ама рака на срце никој сериозен не се нафати да помога за да ја спаси од колапс. Дури, според наши информации, тие сериозни луѓе добиле сугестии од странци да не се препуштат на таква валкана игра. Како последна шанса го најдоа сегашниот, мислејќи дека ќе придобијат дел од некогашната ПДП носталгија. Но, кај поддржувачите на некогашната ПДП длабоко е посадено во свеста дека токму ДУИ најмногу ја уништи ПДП, земајќи ги им бројни нејзини функционери за еднократна употреба. Некои од нив станаа министри, директори итн, додека не се закопа нивната бивша партија, потоа до еден беа исфрлени или маргинализирани. Исто така познато е дека целата фамилија сегашниот кандидат на ДУИ од почеток биле врзани за ДУИ, па оттука е несериозна изјавата дека се работи за надпартиски кандидат.

ДУИ сега е пред сериозен пораз и тешко дека нешто ќе може да ја спаси. Видни нејзини локални функционери (па и централни) потајно комуницираат со противничката коалиција Алијанса-Алтернатива.  Некои тоа веќе јавно го прават. Веројатно силно го чуствуваат пулсот на промените. Нивните ограноци се нефункционални и стравуваат за иднината на партијата. Нивни локални партиски функционери вообичаено се незначајни фигури. Сите аналитични сондажи за реалниот живот, за еконосмкиот развој, за подобро обазование, за понормално здравство, за исселувањето итн – довербата кај ДУИ е на црвено поле.

 

Што очекуваат граѓаните Албанци?

Кога ќе ги соберете сите директни и индеректни одговори од секоја опсежна анализа на јавното мнение, посветано на развојот, сема е јасно дека околу 80 отсто од Албанците очекувале и очекуваат ефикасна визија за економски развој. Ова изгледа добро го разбрале противниците на ДУИ, но како по некоја инерција тие не се толку привлечни кога зборуваат за етнички теми, иако слогнот „Држава за сите“ е многу нормална. За да реализирате вистинска рамноправност потребно е да стартирате од економскиот развој, оти прв чекор на „државата за сите“ е да ги задржите луѓето дома. Секој со елементарен резон добро знае дека рамноправност не бива во услови на сиромаштво и исселување. Затоа коалицијата Села-Гаши силно треба да се фокусираат врз економскиот развој со конкретни дејствија, проекти, програми, финасии, цифри, на сите полиња, и тоа цело реме да го вртат по медиумите, да го обајснуваат пред луѓето, сѐ со цел да им дадат надеж и на сиромашниот слој од населението дека сепак се гледа излез. Само така е можно поголема излезеност, а со тоа и промените се тука. Поинаку можеме да се зачудиме каков тивок бојкот може да ни се случи кај Албанците.

 

Сподели: