Еду катче на ЛАЈКА: Биди одговорен сопственик

Сподели

 

Да се биде сопственик на куче е прекрасно искуство и привилегија. Животните носат уживање и љубов во нашите животи. Но, истовремено вие сте одговорен за  здравјето и благосостојба на вашиот миленик.
Да се биде одговорен сопственик е долгорочна обврска. Затоа треба да земете предвид неколку фактори пред да земете куче, како што се неопходноста од посветеност, избор на куче кое одговара на вашите карактеристики и животниот стил, како и проценка на ресурсите кои ви се потребни за соодветна нега на кучето.

Доколку сте ги земале сите овие фактори во предвид, искрено препорачуваме да размислите да земете куче од прифатилиште, или од организациите за заштита на животните, отколку да купите едно. Таму има многу прекрасни кучиња кои чекаат нов дом. Многу од нив завршиле таму само бидејќи некој некогаш импулстивно одлучил да ги купи.  Да се вдоми наместо купи животно е многу поголем чин од одговорно сопствеништво, тоа е хуман акт и одговорно општествено однесување.  А давањето на втора шанса во животот е бесценето искуство за кучињата како и за вас како човек и сопственик.

Пред да го донесете кучето дома обезбедете соодветен животен простор за него. Ова подразбира топло  и удобно лежиште, садови со храна и вода, играчки и простор за трчање и шетање.

Доколку сте родители, објаснете им на децата како треба да постапуваат со новиот миленик, при неговото пристигнување во новиот дом.

За да изградите силна врска со вашето куче, минувајте квалитетно време заедно. Покажете им почит, грижа и наклонетост. Исто така овозможете им да го изразат своето природно однесување.

Како сопственик на куче треба да бидете свесен за вашите законски права и обврски.

Тоа вклучува:

-Сопствениците имаат законска обврска да ги вакцинираат и микрочипираат домашните миленици
– Сопствениците не смеат да ги напуштат домашните миленици
– Забрането е осакатување на животните како и секоја хируршка или слична интервенција со која се врши осакатување на животните заради естетски или други причини, освен ако не е препорачано од доктор по ветеринарна медицина или ако не е во спротивност со овој закон.
– Забрането е поттикнување на агресивност на животните против други животни и луѓето освен при дресурата на кучиња
– Сопствениците и/или одговорните лица кои ги користат своите миленици за репродукција и одгледувачниците треба да го пријават леглото од своите животни во овластена ветеринарна амбуланта, клиника или болница, да ги идентификуваат и регистрират младенчињата согласно Законот за идентификација и регистрација на животните пред да ги вдомат како и да ги пријават лицата кај кои ги вдомиле младенчињата.