По рекордната претпродажба и потпишани над 500 примероци, Нина Ангеловска Станков најави уште поуспешна промоција, што ќе се случи утревечер (среда, 3 јуни) со почеток од 18:30 часот, во „Три кичен бар“. Книгата е во издание на Издавачки центар ТРИ и оттаму објавуваат дека публиката веќе дава позитивни коментари за напишаното.
На промоцијата ќе зборува самата Нина Ангеловска Станков, која ја препознаваме како едно од највпечатливите имиња на македонската бизнис-сцена. Таа е коосновач на „Grouper.mk“, првата платформа за групни попусти и една од водечките компании за е-трговија во земјата, меѓународно признат бизнис-лидер, доктор на науки и првата жена министер за финансии во Македонија.
Освен за нејзините успеси во бизнисот, таа ќе зборува и за сопствените борби на патот кон успехот, на кој, како што кажува и книгата, ништо не е случајно. Станува збор за искрено и лично сведоштво за патување низ бизнис-светот, политиката, лидерството, мајчинството и личните пресврти. Себеси таа се опиша како „брза, организирана и темпераментна“, а книгата како „искрена, лична и охрабрувачка“.
Влезот е слободен, а по промоцијата читателите ќе имаат можност да се сретнат со авторката и да добијат лична посвета. Книгата ќе биде достапна на штандот на ТРИ на самата промоција, а потоа ќе може да се набави во која било книжарница на ТРИ и онлајн на kniga.mk.
Уште пред официјалната промоција, книгата предизвика исклучителен интерес во јавноста. Со петстотини резервирани примероци, веќе се наметнува како едно од најочекуваните домашни изданија годинава во ТРИ. Токму затоа, оттаму ве покануваат да бидете дел од уште еден настан што ќе ги отвори темите на подемите и падовите, на преиспитувањата и пресвртите што ретко се гледаат зад сликата на јавниот имиџ. Утревечер Нина Ангеловска Станков открива сè што се случува зад процесот во кој ништо не е случајно.


