Вести Колумна Македонија Став Текстови

ФАШИЗАМ, ЛАГИ И ГЛУПОСТИ! – Мерсел БИЉАЛИ

Сподели:

 

Една алчна жена од древна Индија, со години го молела богот Брахма за да и даде големо богатство и моќ. По многу години таа конечно слушнала глас од небото: „За да бидеш најбогата, оди во црвената пештера“.

Мерсел Биљали

Жената го зела малото дете со себе и веднаш тргнала кон пештерата. Што да види?! Огромно богатство од злато и дијаманти. Веднаш почнала да полни. По некое време пак се слушнал глас од небото: „Побрзајте, оти пештерата ќе се затвори“. Жената занесена продолжила со полнење. Повторно гласот: „Пештерата почнува да се затвора“. Но, алчната жена под еуфорија, морала да зграпчи и едни блескави дијаманти. Ама од блесокот веднаш ѝ се стемнило, кога видела дека детето и останало внатре зад огромниот камен кој неповратно ја затворил пештерата!

И кај нас страста за богатство направи да ги загубиме нашите најдобри деца, на кои сега насекаде им е подобор отколку во нивната татковина! Македонија се уште не успева да покаже виталност во функционирањето, а по осамостојувањето беше на врвот во регионот, веднаш по Словенија. Тогаш веројатно Бугарите претпоставуваа дека ЕУ се граничела со Севрна Кореја на Ким Ил Сунг! Ама ние не сакавме да разбереме дека ЕУ не е формирана за да гледа во минатото, туку кон иднината. И наместо кон целта, ние заглавивме во – лоша приватизација која создаде октоподи; во омраза, национализам и празен патриотизам; во економска безидејност; во самоубивствена партизација на институциите; во злоупотреба на меѓуетничките односи итн. Тоа го распадна целото стопанство, а партизацијата го распадна целото општество. Бараа партиски конгреси во Солун, кога сите нормални бараа слободни царински зони! Така, од втора држава меѓу десетици држави во регионот, стасавме до последно место. Сите не престигнуваа, претекнуваа, а потоа и не условуваа! Стасавме до таму, животот на населението да ни биде сведен во случајно отсуство на физичка смрт!

Оттука, ако се прашуваат фактите, молчењето би било злато за поранешниот премиер и претседател Црвенковски. Дури и за многу академици на МАНУ и поранешни партиски амбасадори. Дека Македонија стана корумпирана држава, семето е од тогаш со најлошата приватизација. Дека државата е „конфронтирана и поделена“, и тоа не е баш некоја новина. Дека се живее од кредити, и тоа во сите фази е практикувано. Сега секој бара повисока плата, ама ич не му е грижа дека стопанството ги нема тие пари. Кратковидната логика „мојот џеб“, ја надминува и зоолошката логика. И така, сегашната влада како уплашен касиер почна сите да ги части! А треба да знае дека едно лудило не се лекува со друго лудило! А опозицијата добро го застапува едното лудило.

Па сме немале закон за потеклото на секој имот! А зошто не е донесен кога можеше лесно да се донесе? Веројтанто сега корупцијата ќе беше многу помала. Сега скоро секој министер, пратеник или јавен функционер се плаши да изгласа таков закон! Па од тоа време ние добивме судии (и врховни), лица на кои пријавите за кривични дела им беа чувани во фиока!!! Сега само вишокиот дел на админстрацијата нас не чини плус милијарда евра годишно, а со добра програма тие ќе беа ориентирани во стопанството, каде што плус ќе создава нова вредност. Евтините кадри, најскапо не чинат. Можевме да ги видиме барем кинезите како ја сузбиваат државата и како се борат против корупцијата. Задолжувањето исто така ни е сериозен проблем ако се прави и за социјален мир.

Значи, со интелигентно избирани зборови, не може да се амнестираат или амнезираат глупавите дела! Ако се смета на краткото паметење на луѓето, тогаш целта е погодена, оти ние сме светски шампиони по краткото памтење. Тука прави што сакаш, ама важно потоа да си фрлиш некоја етничка или политичка димна бомба, и се исчезнува. И по 32 години ние немаме мерит систем, што е основен „буквар“ за да ни тргне напред. Неписмени ни стануваат судии, амбасадори, конзули, министри, државни секретари итн, а паметните во странство! Да ги правеше Црвенковски овие работи, сега сите ќе кажеа – „Секоја чест Претседателе“! Ама ние со години го бркавме „светлото“ минато, кое не почести со темна иднина, па затоа сега се давиме во плитки води!

А Бугарите? Па нив можеме да ги обвинуваме за повеќе тони „путинизам“ (и тука нема да погрешиме), ама не се тие толку виновни што нашле „симнати гаќи“, па да не ја искористат приликата. Потребно е на културен начин да им се каже дека не може да се продуктивни преговорите, кои за едниот се приоритет, а за другиот само порција. Впрочем и секој дијалог меѓу нормалното и ненормалното, е на штета на нормалното.

Чаре – излез !? 

Многу време е загубено, важни вредности се поместени, а и менталитетот е сменет. Воопшто не е лесно да го изнајдеме вистински пат, кого цело време го зобиколувавме. А да ги решававме проблемите како што требаше, веројатно во 1999 или 2004 година ќе станевме членка на ЕУ. Тогаш Бугарите немаше да бараат љубов со сила и силување. По таа нивна логика, Србите би им забраниле на Хрватите, Бошњаците и на Црногорците, нивните јазици да ги нарекуваат како што самите сакаат. Слично би постапиле и Германците со Швајцарците и Австријците! Британците со Ирците! Русите со Украинците! Чесите со Словаците, Арапите меѓусебе, оти имаат десетина држави, а ист јазик! Нам ни требаше цели 30 години за да решиме еден спор, оти самите го надувавме, држејќи ја главата над облаците! А сега ни Бугарите ни ја ставија во кофа.

За секој проблем се однесуваме како над нас небото да се руши!? И најсилните држави имаат секакви проблеми, но ги решаваат. На пример, Кина сто години толерираше странска присутност над Хонконг и Макао, па и Тајван. Велика Британија имаше тежок проблем со Северна Ирска (десетина илјади жртви само во Белфаст)! Франција уште има проблеми со Корзика, Шпанија со Каталонија и Баскија, Русија со Украина, Абхазија и Јужна Осетија. Дури и САД не знаат што да праваат со Порторико! Во нашето соседство – Грција и Турција имаат проблем за Кипар, Србија со Косово, Хрватска со Словенија за Пиранскиот залив, Албанија со Грција за територијалното море, итн.

Не треба да живееме во минатото оти никому не успеало да се врати таму. Нашата клептоманијата со помош на лажниот патриотизам, лесно стасува до клептократија. Тука веќе имаме подолга традиција лажниот патриотизам да го конвертираме во пари. А таму кај што алчноста слетува, нормалното излетува. За лоши работи има илјади патишта, ама за добри работи има само еден пат. А тоа не е тоа што сме го правеле сиве овие години.

ЕУ моментално не е за проширување и точка. Во ЕУ веќе се размислува за тоа како да се смени веќе прочитаната лага и глумење преговори со земјите од Западен Балкан. Логиката – “ние ги лажеме дека ги сакаме, а тие нѐ лажат дека ни веруваат“ е прочитана приказна! Затоа ќе мора да се најде некоја земја како Бугарија за да ја заврши валканата работа!  

Регионалните држави мора да сфатат дека ЕУ моментално не сака проширување. И со тие што преговара, тоа е „ради реда“. Унијата треба да остави илјадници свои проблеми за да се позанимава со преговори, со држави кои и така имаат бројни нерасчистени сметки меѓу себе. А во самата ЕУ многу гори. Не дај боже војната да потрае подолг период. Надворешните ѕидови на ЕУ ќе пукнат!

Оттука, регионалните држави треба да се координират за реална стратегија. Тие првин, треба да го забрзат процесот „Отворен Балкан“, и да почнат со сериозни внатрешни реформи (тука веќе оправдување нема). Исто така треба да инсистират на поголема финансиска поддршка од ЕУ за развојни проекти, фондови и структурни реформи. А кога ЕУ ќе биде подготвена тогаш веќе ќе имаат посилни позиции.

Да не се лажеме со некакви златници, оти децата ни исчезнаа. Треба сосема поинаку да пристапиме. За да го постигнеме невозможното треба да го правиме неверојатното. Со погрешни луѓе, во погрешно време и на погрешно место, само ќе тонеме повеќе!

Сподели: