ФЕСТИВАЛ КИНЕНОВА: 05-09. ОКТОМВРИ СКОПЈЕ

Сподели

KineNova logo

Фестивал за нови филмски автори КинеНова Скопје во октомври

Од 5 – 9 октомври во Скопје ќе се одржи првото издание на Меѓународниот филмски фестивал КинеНова Скопје, со главна натпреварувачка програма посветена на дебитантски  или втори филмови на автори од цел свет.
Градот Скопје ќе биде домаќин на голем број нови филмски автори од разни делови на светот, кои ќе ги претстават своите  филмови и ќе се натпреваруваат за неколку награди. Освен главната натпреварувачка, фестивалот има и неколку други натпреварувачки и ревијални програми, како и гости, реномирани филмски автори од светот.
Фестивалскиот центар и главните настани ќе бидат во „Кино Култура“, мултимедијален центар во центарот на Скопје, а фестивалските програми ќе се одржуваат и во Кинотека на Македонија и во Домот на културата во Кисела Вода.
Овој независен проект е покренат од неколку млади и неколку докажани и  искусни филмски работници  кои се залагаат за посредни позитивни промени во филмската уметност и индустрија во земјата и регионот.
Целта е да се зголеми просторот за новите филмски автори каде тие ќе ги претстават своите авторски свежи дела со цел да комуницираат со што повеќе гледачи и така  да добијат потврда, охрабрување и поддршка за нивата работа.
Програмски директор на фестивалот е Марина Костова, долгогодишен филмски новинар и критичар, член на Меѓународната федерација на филмски критичари (ФИПРЕСЦИ);
Уметнички директор  еЉупчо Тодоровски – Упа, истакнат македонски актер, сценарист и филмски продуцент, а Директор на фестивалот е Небојша Јовановиќ, сценарист, режисер и продуцент.
Дека страста и ентузијазмот со кој е отпочната реализацијата на овој проект и идеја веќе вродува со плод и има потврда во светски размери, зборува податокот дека за само 30 дена откога е отворен повикот за поднесување пријави, се пријавија речиси 4000 филмови од 112 земји од целиот свет.
Конечната селекција ќе биде објавена до средината на месецов.
За сите информации следете го фестивалскиот вебсајт: www.kinenova.com