Филипче: По анализата на растот на заболени ќе одлучиме за следните мерки

Сподели

 

Заврши средбата на министерот за здравство Венко Филипче и членовите на Комисијата за заштита од заразни болести.

„Следните денови ќе следиме какви ќе бидат бројките на новодијагностицирани. Ова е навистина висока бројка во однос на претходните денови. Заклучивме дека денеска и утре треба да се направи увид за начинот на трансмисија на вирусот во секоја општина посебно. Ако нешто откриеме, да може да одлучиме какви мерки и каде би се вовеле “, изјави Филипче.

Во однос на денешната висока бројка на новозаразени, во гостувањето во вестите на Сител телевизија, посочи дека бројката е навистина висока во однос на претходните денови.

“Јас на почетокот на минатиот месец најавив дека очекуваме есенски бран, очекуваме зголемување на бројот на случаите, најавив и дел од мерките, меѓутоа после оваа анализа на овие бројки во текот на викендов ќе знаеме точно дали и какви мерки во која општина ќе треба да препорачаме. Дозволете да апелирам уште еднаш – сите граѓани да ги почитуваат уште подоследно сега, превентивните мерки заради тоа што, еве, навлегуваме во период во којшто ќе се зголемува бројот на заразени”, истакна министерот за здравство.