Филмски фестивал: Има ли пустина среде градот? во МСУ

Сподели:

Филмски фестивал: Има ли пустина среде градот? 10 – 17 / 07 / 2025 МСУ – Скопје Летно Кино 2025 година
Кустос: Софиа Григоријаду

Летното кино на МСУ за 2025 година го претставува филмскиот фестивал насловен „Има ли пустина среде градот?“, кој се движи низ урбаните пејзажи и областите на гентрификација што постојано се менуваат, (шпекулативниот) урбанизам, недвижностите и туристичката индустрија во услови на глобален капитализам.

Филмовите истражуваат како ваквите феномени ги обликуваат градските пејзажи и им нанесуваат лузни, претворајќи ги градовите во места во кои луѓето се натпреваруваат за просторот.

Филмската програма ги спојува нишките што ги поврзуваат висококатниците, постојано растечките трговски центри и хотели, оградите, скелињата, бојата и пукнатините во ѕидовите, фабриките од модерноста и нивните урнатини со животите на оние што се засегнати од урбаните промени и коишто учествуваат во нив во Бејрут, Шангај, Перник, Лисабон, Атина, Марсеј, Хаора и на други места.
Избраните филмови се и документарни, секој во различна мера. Тие ја следат „сеизмичката“ гентрификација и туристификација, но и формите на отпор или преживување во градовите што се преобразуваат во огромни преноќишта за посетители. Се занимаваат со осиромашувањето и прекарното вработување во градежништвото и во туризмот, со дискриминацијата, раселувањето и затвореноста во ограничен простор.

Внимателно ја испитуваат естетиката и материјалноста на феномените што ги снимаат, преку звук, градски пејзажи и пронајден материјал. Паралелно со процесите и политиките на сеќавање и заборавање во јавните простори, филмовите се осврнуваат и на прекинати, честопати интимни, сеќавања на други места, времиња и луѓе. Кои се секојдневните реалности отаде реториката на напредок, удобност и експанзија? Како глобалниот капитализам ги гради – и ги разградува – градовите во коишто живееме? Како ги преобликува урбаните пејзажи, трудот и секојдневниот живот?

ШАНГАЈ, АТИНА, ЛИСАБОН
10/07/25 / 20.30-21.40

ШАНГАЈ
Премин • Ди Ху • Кина • 2016 година • 11 мин

АТИНА
Заспан град • Димитра Кондилату • Грција • 2023 • 10 мин

ЛИСАБОН
Терамотуризам • Ротација налево• Португалија • 2016 • 43 мин

МАРСЕЈ, БЕЈРУТ
15/07/25 20.30-22.30

МАРСЕЈ
Среде градот имаше пустина • Јоаким Гати и Гаел Марсо • Франција • 2019 • 13 мин

БЕЈРУТ
Вкус на цемент • Зиад Калтум • Сирија, Обединети Арапски Емирати, Германија, Либан, Катар • 2017 година • 85 мин

3 ЊУЈОРК, ХАОРА, ПЕРНИК
17/07/25 20.30-23.00

ПОРТИТЕ НА ФАБРИКИТЕ
Работниците ја напуштаат фабриката • Харун Фароки • 1995 • 36 мин
Филмот љубезно го понуди Гете институтот во Скопје

ЊУЈОРК, ХАОРА
Излиени во Индија • Наташа Рахеја • Индија, САД • 2014 • 26 мин

ПЕРНИК
Пукнатини • Димитра Кофти • Германија • 2018 • 55 мин

Благодарност до: Гете институтот во Скопје, Делфин Лекас, Видеоарт Миден, Живко Гросданоски

Сподели: