Алтернатива Скопје Чита

“Нешто не ти кажав” – Петре М. Андреевски

Сподели:

 

Нешто не ти кажав

Колку висок оган те изгоре однатре,
само ѕидовите празни да ти останат,
кај ти покапа месото, светлината,
твојата стрмна кожа, оптегната и проѕирна,
како вода што не може ништо да ја набрчка:
кај ќе ce скине, таму ќе ce состави.
A и облеката на тебе што зборуваше
cè што можеше твоето тело да помисли;
твоето тело, замавната сабја и секира,
сонце што можеше отсекаде да угрее
и до кај сака зимата да ја одложи,
прв ден Велигден, и прво Величество,
луња што спиеше во мојата постела…
И, ако не знаев, ако не го запознаев,
можеше cè да ми остане непознато.

Кога боледуваше ти го криевме огледалото,
да не ce видиш таму, да не те видат оттаму,
но во огледалото ти ја сретнавме душата:
ти го зеде лицето и назад не ти го врати
(дали лицето беше твое
или од оној што дојде по тебе?)
и, за да не ce мачиш, ти ја држевме раката
и те слеговме долу, те состанавме со земјата,
кај што првпат слезе и на нозе ce исправи
и, неми ние сите, нема вода те напивме,
a молчевме, зашто плачот го криевме
да не ти ce потплаши и преполови душата,
да не ти остане ни горе, ни долу.

Една змија постојано ce буди, ce поткрева
во каменот што го допирам над тебе
(како да ја менува, преслекува кошулата
и така си ја повторува младоста)
ме фаќа ко пијавица, ме полазува, ко морница,
ce излева во мене, посекаде ме студенка
и студот со твоето минато го дополнува.

Сподели: