Алтернатива Македонија Настани Ударни вести

GREENOVET формира Центри за извонредност за стручно образование и обука во областа на зелените иновации

Сподели:

 

На 02 февруари официјално започна со реализација 4-годишниот проект финансиран од програмата Еразмус + со наслов: „GREENOVET – Европска платформа за извонредност во стручното образование и обука за зелени иновации“. Во проектот чија вредност е над 4.000.000 евра се вклучени 18 партнери од 4 земји (Австрија, Португалија, Финска и Северна Македонија). Македонски партнери во проектот се Машинскиот факултет при Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје, Сојузот на стопански комори на Македонија, АД Раде Кончар – ТЕП, АСУЦ „Боро Петрушевски“ – Скопје, и Националниот центар за развој на иновации и претприемачко учење (НЦРИПУ) – Скопје.

Проектот GREENOVET ќе резултира со формирање на Центри за извонредност за стручно образование и обука во областа на зелените иновации во земјите учеснички во проектот, овозможувајќи развој на иновативна, инклузивна и одржлива економија. Во нашата земја планирано е Центарот за извонредност за зелени иновации да биде лоциран на Машинскиот факултет при Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје.

Покрај тоа, проектот ќе обезбеди платформа за меѓусебно поврзување на училиштата за стручно образование и обука и универзитетите, на регионално, национално и Европско ниво, со вклучување на клучните партнери во локалните и регионалните екосистеми за иновации и вештини.

На состанокот се обрати претставникот на Европска комисија, г-динот Жоао Сантош (Joao Santos), од Генералниот директорат за вработување, социјални прашања и инклузија, кој истакна дека „овој проект е најдобро оценета апликација од пристигнатите 55 проекти во повикот за 2020 година кој се однесува на „зелената трансформација“ на Европа“. За господинот Сантош „Европската Унија (ЕУ) има огромни очекувања од овој проект кој го сметаат за предводник (flagship) и пример на ниво на ЕУ кога станува збор за имплементирање на зелената агенда на ЕУ во областа на образованието и обуката и нивната поврзаност со бизнис секторот.“ Исто така беше истакнато дека проектот, покрај другото добил и највисоки оценки заради вклученоста на сите институции претставници на т.н. четворостран хеликс (quadruple helix), што може да се согледа и низ институциите кои се партнери и во македонскиот дел од тимот (јавни институции од образовната сфера: универзитет и средно училиште, бизнис сектор и невладин сектор).

Нам, на македонските партнери, оваа информација особено нè израдува и нè направи горди, бидејќи проектот беше разработен и аплициран, а сега е и воден од нашиот доскорешен соработник, д-р Бојан Р. Јовановски, кој повеќе од една година е предавач и проектен менаџер во институцијата лидер во конзорциумот – Универзитетот за применети науки во Грац – Јоанеум (https://www.fh-joanneum.at/en/projekt/greenovet/). Колегата Јовановски,  сите степени на образование ги заврши во нашата земја и десет години работеше како проектен менаџер и асистент во НЦРИПУ и 7 години како соработник на Машинскиот факултет.

Сметаме дека ова е вистински показател дека македонскиот образовен систем продуцира одлични кадри и е пример како може одливот на мозоци (brain drain), да се трансформира во добивка на знаење (brain gain) и финансиски средства од ЕУ. Во име на партнерите на проектот:

  • Машински факултет, Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје,
  • Сојузот на стопански комори на Македонија,
  • Раде Кончар – ТЕП, ДООЕЛ Скопје,
  • АСУЦ „Боро Петрушевски“ – Скопје, 
  • Национален центар за развој на иновации и претприемачко учење – Скопје.

 

Сподели: