Вести Колумна Македонија Став Текстови

ЛЕБОБОРСТВО – Александар ЛИТОВСКИ

Сподели:

 

Бидејќи е јасно дека во оваа наша современа ганстерско-капиталистичка цивилизација, обичните простосмртни робови немаат прилика да се оттргнат од систематското перење на мозокот преку медиумите, културата и образованието, тогаш сосема „нормално“ се живее од леб и игри, од воодушевување од „виенски“ балови, од разни гламурозни патетичнољубовни сапуници и разни површноаристократски спектакли, од лажни филмски херои во борба против „силите на злото“, од „убавината“ на испегланите гардисти во златни одежди на британскиот двор заедно со тамошните скандали, од луксузниот животот на некои тајкуни и нивните проститутки…

Александар Литовски

Во македонскиот политички живот, во Собранието, низ министерствата, во разните институции, бесконечно се дискутира за Уставот, законите, параграфите и членовите, правилата и процедурите. Законите и политичарите кои ги носат, владеат со луѓето како да се божества. Во тоа неолиберално сфаќање, функционирање на државата и животот воопшто, се сведува на аритметика со параграфи, уредби и закони. Впрочем, тоа е и објаснувањето зошто сите политички апологети на „демократскиот“ процес се одушевени борци за правила и процедури. За нив најважна работа е „сè да е по закон“, оти така тие ситни канцелариски души можат мирно да р`чат над купиштата од свои министерски, полициски, управни, службенички и инспекциски преписки и документи, и да бидат богати, дебели и задоволни во бесмислата на својата политичко-бирократска кочина.

Денес, триесеттина години подоцна по падот во провалијата без дно, се чини дека надвор од било каква дискусија е дека нашата политичка и „интелектуална“ елита, се влечкала зад настаните, без дарба, знаење и програма, со празни елитистички западноевропски флоскули и со пореметени компаси и останати уреди за навигација неопходни за уредување на државата, за геостратегија и за создавање сојузништва. Политиката во овој јалов период, проголта стотици и стотици имиња на политичари и „интелектуалци“, без зад нив да остане било каква трага во македонското општество и колективната македонска меморија, секако освен неколкуте исклучоци.

Нашите политички дилетанти, ја прифаќаа, фетишистички, неолибералната матрица на размислување и практично поведение, без да се обидат да направат нешто добро за државата и луѓето во неа. Во скоро сеопштата политиканско-партиска хистерија, за власта се размислуваше како за непроодна, вечна константа од која треба да се извлече лична полза, а како што никој, нормален, не верува во реалноста на Господ, а сепак многумина клечат за да измолат негова милост, така се клечеше, и пред конзервативно-либералните измислици и скоро никој не помислуваше дека тие еден ден, порано или подоцна, ќе се претворат во прав и пепел. Во денешната неправедна цивилизација профитот ги прави луѓето лицемерни, сурови, насилни, крвожедни и користољубиви. Таа е „зло по себе“. А, добро е да се знае дека иако, некои, ова би го окарактеризирале како марксистичка парола, таа, поправо, е богомилска.

Состојбата на духот кај нас цели триесет години беше нездрава. И, сè уште, е нездрава. Луѓето камелеонски ги менуваа, и ги менуваат, партиските и идеолошките бои, коленичеа пред некои од партиските лидери, понизно и лигаво бакнуваа рака на некој мрсен, валкан и прост владика, или оџа, живееа во секојдневен страв „од полошото“, сервилно се насмевнуваа и кога некои од владеачите и олигарсите ги плукаа во лице и, скоро секојдневно, четвороношки глумеа среќа од животот во „демократија“ и „пазарна економија“. Луѓето стануваа и, сè уште, стануваат, националисти или „европејци“, од обична потреба за корка леб. Лебоборци! Некои, дури, следејќи ја неолибералната идеолошка матрица „парите сè купуваат“, се закрвуваа со своите најблиски, се претвораа во обични „џепароши“, па дури ја менуваа својата македонска национална припадност. Жално е сето тоа. И одвратно, исто така.  

Надворешните манифестации на таа филозофија на лебоборство се одвратните, а сеприсутни, лицемерие и ропска понизност. Нив денешниот неолиберален систем масовно ги произведува како свој „основен производ“. Од лебоборство како „идеолошко убедување“ и егзистенцијална пракса, до претворањето во обичен роб, или уште пообичен кодош, потребно беше само еден микроскопски чекор. Чекор, кој многумина наши луѓе го направија. И за жал, сè уште, скоро секојдневно, сведочиме како го прават.

Наспроти таа понижувачка идеологија и пракса во која безморално и „гордо“ се клечи за парче леб фрлено од политичките шефови и финансиските газди, наспроти грандиозната понизност и одвратното лицемерие кое станува „нормално“ и пожелно, за да може да се започне со еден процес на колективен прогрес на сите полиња од животот, луѓето, покрај вродените трудољубивост и креативност, треба да си го вратат своето човечко достоинство.

 

Сподели: