Групна изложба СИМБИОЗА во Парк на франкофонијата

Сподели

 

24 октомври, Парк на франкофонијата

Со изложбата ‘’Симбиоза’’ креираме ново случување каде би ја возвишиле природата и човекот како дел од неа со акцент на нивната симбиозна врска која го опфаќа привлечното, естетското, креативното или одбивното, неестетското и деструктивното со ликовната уметност како основен медиум, со смела видливост, потсетник за бришењето и прослава на интимната врска со растителниот свет.
 
Целта е да се постават прашања кои предизвикуваат критично размислувањe околу меѓусебно поврзување, колаборативни организми,биокултурни врски и нови еколошки парадигми, оваа изложба претставува скапоцена можност да се преиспита сигурноста со цел да се репозиционираме во светот не како одвоени и објективни набљудувачи, туку како активни учесници вплеткани во длабоко и незаменливо сродство.
Изложбата е финасиски поддржана од Министерство за култура на РСМ, логистичка поддршка од Општина Центар и ЦСУ – Скoпје.
_____________________________
Филип Ристевски е роден 1998 г., во Скопје, РС Македонија. Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности при универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје, на оддел вајарство, со модул сценографија во 2023 г., под менторство на проф. М-р Исмет Рамиќевиќ и проф. М-р Беди Ибрахим. Средното образование го завршува во ДСУЛУД ‘’Лазар Личеноски’’ оддел вајарство. Има учествувано на повеќе групни ликовни изложби и на ликовна колонија ‘’Дрен’’ 2023 г., во Прилеп.
 
Камелија Каламерникова е студентка на ФЛУ од четврта година, сликарски смер со модул графички дизајн. Родена е 2002 година во Струмица. Инспирација за своите дела црпи од секој аспект на секојдневието, особено како тоа се одразува врз психолошката состојба на човекот. Покрај сликарството, експериментира со други медиуми како цртеж, фотографија и видео.
 
Славчо Павлоски е роден на 15 септември 2001 година во Прилеп, Република Македонија.
Студент на Факултетот за ликовни уметности при универзитетот “Св. Кирил
и Методиј” во Скопје, на отсек вајарство, под менторство на проф. м-р Гоце Наневски. Средното образование го завршува во прилепската гимназија СОУ “Мирче Ацев”.
Посебен придонес за неговиот развој како ликовен уметник има професорот по ликовна уметност, Александар Џинго.
Пред студиите има учествувано на повеќе ликовни колонии и нивни изложби, меѓу кои и на ликовната колонија “Центар за современа ликовна уметност” во Прилеп и има работено како зограф во неколку цркви во Р. Македонија.
За време на студиите има учествувано на неколку ликовни колонии меѓу кои и на ликовната колонија “Дрен” во Прилеп.
Првата самостојна изложба ја реализира како сликар во Нови Сад, Р. Србија. Член е на Друштвото на ликовни уметници- Прилеп.
Милена Петковска е родена 2000 г. во Скопје. Средно образование завршува во ДСУЛУД ,,Лазар Личеноски” – Скопје, оддел графика. Апсолвент е на Факултетот за ликовни уметности – Скопје, оддел графика со насока графички дизајн во класа на проф. Славица Јанешлиева. Добитник е на прва награда за студентска графика “Драгутин Аврамовски – Гуте” 2022 г. Дел е и од 16. графичка работилница “Софија” – Богданци.