ИО на ВМРО-ДПМНЕ свика вонреден конгрес на 28 март за доверба на Мицкоски

Сподели

 

Иницијативниот одбор за свикување на вонреден конгрес по неколку месеци интензивна работа, успеа да обезбеди поддршка и потписи од големо мнозинство на делегати кои учествуваа при изборот на се уште актуелниот Претседател Христијан Мицкоски.

Делегатите кои пристапија се едногласни дека Мицкоски ги изневерил очекувањата и дека не исполнил ниту едно од дадените ветувања за враќање на партијата на победничките патеки, за зголемување на капацитетите за коалицирање и за обезбедување на меѓународна поддршка.

Делегатите сметаат дека е недозволиво претседателот на кој што му ја дале довербата, да не свика конгрес и да не се обиде да им објасни кои се причините за последователните изборни порази и катастрофалниот рејтинг.

Затоа иницијативниот одбор одлучи, со поддршка на мнозинството членови да свика седница на Конгресот надвор од редовниот термин.

Иницијативниот одбор одлучи да го закаже 17-от Вонреден Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ на 28-ми Март во Скопје.

Во наредните денови, Иницијативниот одбор ќе ги формира телата за спроведување на конгрсот, ќе го промовира слоганот и ќе отпочне со дистрибуција на покани и материјали за делегатите.

Отчет за сработеното од страна на актуелниот претседател и гласање на доверба е една од приоритетните точки на дискусија.

Иницијативниот одбор ги повикува сите заинтересирани кандидати за Претседател на ВМРО-ДПМНЕ да достават апликации заедно со план за нивно делување.