Црвениот крст на РС Македонија ја нуди услугата „Итно копче“. Таа е наменета за лицата кои живеат сами и на кои во секој момент може да им затреба брза и стручна помош.
Со едноставно притискање на копчето, корисникот веднаш се поврзува со обучен оператор кој ја проценува состојбата и дава соодветни насоки. Кога е потребно, на лице место излегува наш тим кој пружа прва помош или организира превоз до здравствена установа. Во животозагрозувачки ситуации операторот веднаш ја известува Итната медицинска помош.
Услугата е наменета за лица над 65 години во Скопје кои живеат сами, за корисници на услугата „Помош и нега во домот“ и на Дневниот центар за стари лица, како и за други изнемоштени лица.
Корисниците добиваат: поддршка 24/7 од обучен и љубезен персонал, прва помош и психолошка прва помош, превоз до здравствена установа со специјални возила, постојана техничка поддршка и бесплатен сервис на уредот, информираат од Црвениот крст.


