Денеска, се одбележува Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените, со кој се потсетува на потребата од континуирани заложби, институционална одговорност и заедничко дејствување за спречување на сите форми на насилство. На овој ден започнува и глобалната кампања „16 дена активизам“, чија цел е подигање на јавната свест, поттикнување на општествената одговорност и испраќање јасна порака дека насилството не смее да се премолчува или оправдува.
Како највисок претставнички и законодавен дом, Собранието се приклучува кон кампањата, потврдувајќи ја својата посветеност на промовирањето на еднаквоста, заштитата на човековите права и создавањето општество во кое секоја жена и девојка ќе може да живее без страв, насилство и дискриминација.

Во пресрет на почетокот на кампањата, пратениците оставија свои пораки на симболичен банер во Собранието, приклучувајќи се кон повикот за прекинување на молкот, подигање на свеста и заедничко дејствување во борбата против насилството врз жените.

Со своите пораки, тие испратија јасна порака дека спречувањето на насилството е заедничка одговорност и дека секој поединец, институција и заедница има важна улога во создавањето безбедна средина, во која жртвите ќе добијат поддршка, а насилството ќе биде препознаено, пријавено и соодветно санкционирано.
Собранието и во наредните 16 дена ќе продолжи да испраќа пораки за подигање на свеста, охрабрување на пријавувањето и поттикнување на заедничка одговорност во борбата против насилството врз жените.


