Изложба на млади модни дизајнери “La Mode En Peinture” од Институтот “Изет Цури”

Сподели

 

На 30 јуни, во просторите на Интернационален Институт за мода ‘‘Изет Цури‘‘ во Старата Чаршија – Скопје, ќе се одржи изложбата „La Mode En Peinture“.

 

 

На изложбата ќе бидат изложени делата на студентите, младите модни дизајнери, од оваа академска година на овој Институт за мода. 

***

По своето повеќедецениско работење во најстарата светска модна метропола- Париз, господинот Изет Цури се стекна со непроценливо искуство во техничките области на изведба на рафинирана облека, водење на сопстевно ателје за облека направена по мерка, костимографија итн. Неговата благородна визија за пренесување на знаењето и акумулираното професионално искуство на младите генерации од земјава и регионот резултираше со отварање на Интернационалниот институт за мода Изет Цури во Скопје, образовна институција што дава услуги од областа на неформалното образование. Во 2020 година институтот го прослави петгодишниот јубилеј на успешно постоење. Овој институт стана синоним за врвни стандарди во обучувањето на идни дизајнери, како од технички аспект (моделизам), така и од аспект на дизајнерска обука (стилизам) и оспособување за независна дизајнерска работа. Како доказ за ваквото тврдење сведочат не само успешните годишни школски презентациина, кои привлекуваат огромно внимание на јавноста и медиумите и по својата природа се единствени на територијата на Република Северна Македонија и пошироко, туку и многуте успешни професионални приказни на некогашните студенти. Дел од нив се на стручна пракса во светските луксузни модни куќи.

 

 

Општо место е дека модната индустрија важи за една од најдинамичните на глобалниот пазар, па правилното едуцирање на кадри од областа на модниот дизајн е од големо значење и во нашата земја, особено со напорите за трансформација на текстилната иднустрија во модна и градењето на автентична локална модна сцена. После сите искушенија низ кои мина локалната текстилна индустрија изминатите децении, се чини дека единствен здрав начин за нејзино преживување и трансформација на еден нејзин дел во модна, е нејзината реорганизација и формирање на стручни тимови од различни области кои на осмислен начин ќе се занимаваат со професионални активности поврзани со проектирањето, производството, маркетингот и дистрибуцијата на сопствени производи на локалниот и странските пазари.

Во изминатите шест години постоење, Интернационалниот институт за мода Изет Цури успеа да создаде стручен тим на наставници, докажани професионалци во нивната потесна дизајнерска област, а голем дел од нив се со едукација во некој од светските дизајнерски центри и интернационално работно искуство. Институтот иста така ангажира и интернационални предавачи. Ваквата кадровска конципираност  е уште еден предуслов за успешно одвивање на наставата и формирање на модни дизајнери.  
Програмата на институтот е направена според искуствата на водечките светски училишта, според реалните потреби за стручно образование на модни дизајнери и според позитивните интернационални искуства на наставниците. Благодарение на нејизната широчина, идните модни дизајнери се оспособуваат за работење на локалниот и интернационалните пазари и се во можност да се фатат во костец со сите предизвици што динамичната модна индустрија знае да ги постави во текот на извршувањето на професионалните обврски. Една од уникатните карактеристики на овој институт е изучувањето на мулаж техниката во конструкцијата на облека и финото шиење, благодарение на богатото искуство на господинот Цури.

За време на студиите, студентите градат портфолио, што ги прави конкурентни на пазарот, додека ги одат првите професионални чекори.

Наставната програма исто така овозможува совладување на маркетингот на мода, техниките за графичка презентација и совладување на јазикот на модната комуникација, знаења и вештини што се од голема помош на идните млади дизајнери Изучувањето на некои историски дисциплини (историја на костимите, историја на модата итн), им служат на студентите за проширување на визуелната култура, разбирање на еволуцијата на облеката и модните додатоци и нивната релација со сложените општествени контексти. Ваквото знаење им помага на студентите да ја  разберат појавата на многу феномени (појавата на високата мода во Париз, искуството на Џовани Батиста Џорџини и раѓањето на италијанскиот стил, трансформацијата на Бангкок во азиски центар на модата итн.) и да ги ползуваат дел од позитивните искуства од минатото во нивната работа.

Република Северна Македонија со непроценливото мултикултурно наследство и богатата текстилна традиција, има добра основа за создавање на јака локална модна сцена, со поттик од стручното образование и текстилната индустрија.

По завршувањето на циклусот- отварање на институтот, стабилизација на неговото работење и постигнатите резултати во однос на квалитетот на наставата, управата на институтот реши да ја крене наставата на уште повисоко ниво, преку изработка на елаборатот за акредитација на високообразона институција- самостојна висока стручна школа.