Изложба “Тефтер Гари” на Виолета Силјан, КИЦ Скопје, 16.април, 20 часот
Нашата уметница Виолета Силјан возљубената штитеничка на духовноста на Гари, природата ја дарувала и заштитила токму заради мисијата што ѝ ја доверила, па преку состојбата на духот и свеста сопствена, ликовно „проговори за истите чувства на предците и гордоста нивна и опстојот нивни. Значи, возвишен момент за чувствата и пркосот вечен, за непокорот, восхитот кон природната овоземна благодатна убавина дарена на Гари, на пркосните врвови на Кршисер и Високи камен… мирисот на планинските билки ситни по раст, а неверојатно бујно опојни и благопријатни.
Со восхитувачка ликовна префинетост, ликовно трајно, ги сопира годишните времиња. Фузија на бои, шумски звуци, жуборот на планинските кладенци. Смирувачките ладни и бистри води на Гари… безбројни ѕвезди и месечина кои мирно пловат во ноќта над Гари.
Ете така го чувствуваме Гари преку сетилата на маестра Силјан. Изгрејсонце, зајдисонце, квечерина, ѕвезди и месечина, Гари, прелиен со срма, мирис од златен смил, перуника и мајкина душичка врз врвовите камени. Внатрешни распламтени огнови ја натерале чудесии од Гари да прави. Ете колку искрено, топло и нежно ликовно ни раскажува за мироопојниот убавец, за овоземниот рај, за големината и фасцинантноста на Универзумот… идиличен израз на пејзажот! – Љупчо Маленков.
Виолета Силјан е родена во 1956 година во Македонија. Училиште за применета уметност на Одделот за сликарство, завршила во класата на проф. Родољуб Атанасов во 1976 година. Во 1986 година дипломирала на Факултетот за ликовни уметност, на Одделот за графика, во класата на професорите Драгутин Аврамовски – Гуте и Димитар Малиданов. Од 1986 година е член на ДЛУМ.
Самостојно излагала во Скопје, Гевгелија, Неготино, Велес, Тетово, К.Паланка, Цирих и Париз
Добитник е на две национални награди за своето творештво


