Алтернатива Настани

Изложба во Чифте амам: “Соблечени: Женскиот акт како контекст”

 

Чифте амам, 5.март, СОБЛЕЧЕНИ: ЖЕНСКИОТ АКТ КАКО КОНТЕКСТ

„Соблечени: женскиот акт како контекст“ од колекцијата на Националната галерија, кој го организираме по повод 8 март, меѓународниот ден на жената.

Актот, а пред сѐ женскиот акт, отсекогаш бил една од доминантните теми во уметноста, како инспирација, како форма, како концепт и уметничка мистика. И во XX, а и во првите две декади на XXI, оваа тема е сеуште непресушна инспирација за уметниците. Секако дека со развојот на новите технологии, со усложнување на критичката мисла, во процесот на „губење“ на границите на дисциплините, се следат разновидни стилови, уметнички пристапи, дискурзивни разгледувања, проблемски групирања, родови интерсекции, нови дисциплини, мултимедијалност итн., но тематот АКТ не изумира.
Претстави на актови се презентираат на ѕидовите од сите светски музеи, тие се дел од нашата културна историја почнувајќи од Големата божица, Вилендорфската Венера и голем број други артефакти кои ја слават плодноста, преку класичната уметност на Античка Грција, Рим, потоа ренесансата, па уметноста на подоцнежниот академизам од XVII век па понатаму, сѐдо најрецентните рефлексии на оваа проблематика. Од Венера од Урбино, преку Енгровите актови, па се до современите актови во акциите на Gerila Girls, актот инспирирал, возбудувал и разгневувал. Сепак, сѐ уште, обичниот набљудувач појавува резигнираност во комуницирањето со ваквите дела, со срам, со презир, со неодобрување. Во новиов век, во кој сѐ е на дофат на рака и око со дигиталните технологии и сѐчини дека повеќе ништо не може да нѐ шокира, сеуште постојат пречки и бариери, се повредуваат туѓи религиозни чувства, родови чувства итн.
Дури и едукативните програми за најмладите се исклучуваат, бидејќи делата обработуваат „табу“ тема. Да, за некого, голотијата е сѐ уште проблем, а тоа е најприродното сведоштво на нашата егзистенција. Впрочем, човекот голем дел од својот живот го поминува без облека.


Националната галерија како значаен дел од својата програмска активност, изработува проекти кои вклучуваат дела од колекцијата, со цел нивна поголема визибилност до пошироката публика, а секако и пролонгирана афирмација и валоризација на значајни автори и дела кои имаат статус на национално богатство. Таков проект е „Соблечени: женскиот акт како контекст“ од колекцијата на Националната галерија на Македонија, кој го организираме по повод 8 март, меѓународниот ден на жената. Оттука изложбата ќе вклучи женски актови изработени и од автори од поранешниот југословенски простор – од јужнословенската колекција, како и дела од македонската колекција. Ќе бидат претставени, актови или полуактови од авторите: Влахо Буковац, Петар Палавичини, Фрањо Кршиниќ, Тома Росандиќ и други, како и македонските Лазар Личеноски, Никола Мартиноски, Димо Тодороски, Борка Аврамовска, Спасе Куноски, Боро Митриќески, Иван Велков итн., па се до дела со поконцептулен дискурс од помлади автори како Ирена Паскали и Атанас Ботев. Овие дела воглавно ја слават женската убавина, ставајќи ја на пиедестал нејзината формална естетика и сензуалност.

Сподели: