Изложба во Даут Пашин амам „Неименуваното е одговор“

Сподели

 

ДАУТ ПАШИН АМАМ, НЕИМЕНУВАНОТО Е ОДГОВОР , 26 ЈУНИ, 2019 год. во 20 часот
Кураторка: ИВАНА ВАСЕВА

Со МУЗЕЈОТ НА АМЕРИКАНСКА УМЕТНОСТ ВО БЕРЛИН ВО СОРАБОТКА СО ВАЛТЕР БЕНЈАМИН
ЕЛИ ГА (Њујорк/Стокхолм)
АДРИАН ПАЦИ (Скадар/ Милано)
ДОПЛГЕНГЕР (Белград)
ОЛИВЕР МУСОВИЌ (Скопје)
ФИЛИП ЈОВАНОВСКИ (Битола/ Скопје)

Дизајнер:
Борис Шемов

Живееме во време во кое изборот и начинот на кој се прикажува минатото е од клучно значење за демократизацијата на современото општество. Историјата е колективна меморија која му дава смисла на нашето политичко постоење и делување. Дали нашите животни и професионални заложби ќе ги водиме во потенцирање на јавното, заедничкото и развојот или кон сè поголема индивидуализација и раст, типична за денешниот глобален капитализам, зависи и од тоа и како го вреднуваме минатото и од каде тргнуваме за да ја креираме историјата.

Гледајќи од постколонијална перспектива, институционализираниот модернизам, како сè уште доминантна парадигма, авторитет и претпоставка на знаење, е резултат на колонијалното, или во случајов, доброволно прифатеното самоколонизирано владеење, кое во расчекор помеѓу желбите и реалноста, но и авторитативните призраци, довело до неговото долгорочно одржување и самозајакнување. Тој се манифестира во начините на кои се произведува, дистрибуира, перципира и презентира уметноста и силно го перпетуира економскиот раст, кој е типичен за западниот модерен проект.

„Неименуваното е одговор“ тргнува од оваа точка.
„Неименуваното е одговор“ е изложба за постојаниот отпор кон светот во кој живееме и е изградена од отпорни политички субјективности. Тие зборуваат за важноста на прекинот/ контестирањето со постоечките облици на знаење и делување како клучен за процесите на деколонизација на знаењето во рамките на институцијата на уметноста. Изложбата ги тестира границите на издржливоста, не во физичка смисла на зборот, туку во опирањето во границите на канонот и зададеностите од минатото, како и во естетската репрезентација, чии уметнички гестови понекогаш се јавуваат и како случајни настани или реакции. Таа на крајот зборува и за губењето на препознатливоста во идентитетот и преку тоа воведување на концептите на заедништво и солидарност.

Делата се поставени помеѓу мрежа на материјали од меморијата кои треба да понудат дополнително значење на една повеќеслојна, повеќевременска и дијахрониска слика, која ни се случува и во моментов, овде и сега.

Изложбата е поддржана од Министерство за култура.
Групна изложба.