Јавна веб-страна на МОЈ ТЕРМИН сите ЈЗУ и ПЗУ покриени од ФЗО

Сподели:

Денеска за првпат Министерството за здравство започна со анализа на податоци на моменталната ситуација на човечките ресурси во јавните и приватните здравствени установи низ целата држава. Оваа анализа произлезе од еден темелен институционален процес на вкрстување на податоци од повеќе институции, како што се Централен регистар, Агенција за вработување, Лекарска комора, Стоматолошка комора, Фармацевтска комора, Управа за електронско здравство и Фонд за здравствено осигурување, изјави министерот за здравство Азир Алиу на денешната прес-конференција.

Здравството не може да се реформира „на слепо“, не може да се планираат дежурства, листи на чекање, специјализации, интервентни тимови и здравствени услуги блиску до домот на секој граѓанин, ако не знаете точно колку луѓе работат во системот, каде работат, со каква стручност.

Во државата има вкупно 3.779 здравствени установи (во моментот кога е направена анализата).  Од овие здравствени установи 2.942 се во мрежата на здравствени установи, а надвор од мрежа се 837 установи. Од 2.942, 2.830 се приватни здравствени установи (ПЗУ), а 112 се јавни установи – од кои 108 се јавни здравствени установи (ЈЗУ) и 4 институции кои даваат јавни здравствени услуги, како што се Воено медицински центар, МАНУ, Универзитет Св. Кирил и Методиј-Медицински Факултет и Фармацевтски Факултет – Скопје.

Бројот на вработени во јавен и приватен сектор изнесува 32.383, од кои 18.536 се во ЈЗУ, а 13.847 во ПЗУ. Од 13.847 вработени, 9.040 се лекари и членови на тимот во примарно здравство, а останатите 4.807 се вработени во приватни здравствени установи (сите вработени во здравствен сектор)

Од 18.536 вработени во јавното здравство, лекари и медицински соработници на секундарно и терциерно ниво се 4.746. Медицински сестри се 7003 во ЈЗУ, како и останати медицински и немедицински кадар во ЈЗУ ( во кој се опфатени над 550 називи според меѓународната ISCO класификација (пример возач на брза помош, хигиеничар, магационер, клинички фармацевт и др.)

Како министер, не верувам во политики без податоци, затоа овој процес го започнавме и водевме како проект на вкрстување на податоците од јавните здравствени установи и приватните здравствени установи. Ги поврзавме сите нивоа на здравствената заштита, односно примарно, секундарно и терциерно ниво, ја анализиравме дистрибуцијата во сите општини и региони, податоците ги класифициравме по специјалност, по профил и по тип на установа.

Ова е почеток  на воспоставување регистар на работници во областа на здравството каде што податоците ќе може да ги гледаме во реално време и да креираме здравствени политики базирани на точни и навремено ажурирани податоци.

Пресекот кој што го направивме не е табела што ќе застари за шест месеци, туку напротив, мапирањето на човечките ресурси веќе го воведуваме како динамичен инструмент на Министерството за здравство кој во секој момент ќе дава аналитички пресек на дистрибуцијата на човечките ресурси во здравството.

Како министер, верувам дека системите може да се менуваат само откако ќе се измерат, и затоа од денес во иднина ќе можеме да го следиме движењето на човечките ресурси во здравствениот систем, од пензионирања, нови вработувања, специјализации, до префрлувања од една во друга здравствена установа.

На крајот, секој граѓанин оправдано ќе праша што ќе значи ова за мене? Ова значи дека кога ќе зборуваме за нови вработувања тоа ќе биде одговор на конкретни потреби да здравствениот систем. Кога ќе кажеме дека ќе се зајакне примарното здравство во некоја општина, точно ќе знаеме точно колку лекари и сестри треба да има таму, кога ќе кажеме дека нема да дозволиме да има градови со двојно помалку лекари по жител, ќе знаеме како да го исправиме тоа.

Линк од јавната веб страна на МОЈ ТЕРМИН каде што се претставени сите јавни здравствени установи (ЈЗУ) и приватни здравствени установи (ПЗУ), кои нудат услуги покриени од Фондот на здравствено осигурување. На оваа страна може да се пронајдат податоци за лекари по специјалност и опрема.

Сподели: