Кинотека одбележува 50 години од „Австралија, Австралија“ на Столе Попов

Сподели:

На 28 ноември 2026 година, во 20 часот, во Кинотеката на Македонија ќе се одржи проекција на документарниот филм „Австралија, Австралија“ на Столе Попов, по повод 50 години од неговото создавање.

Снимен во 1976 година, филмот го прикажува животот на македонските иселеници и печалбари во Австралија.

Преку нивните искуства, Попов ја истражува сложеноста на животот далеку од татковината: приспособувањето кон новата средина, потрагата по подобра иднина и постојаната дилема за враќањето дома. Додека некои од протагонистите успешно се вклопуваат во австралиското општество, други остануваат растргнати меѓу новиот живот и приврзаноста кон родниот крај.

Режијата е на Столе Попов, сценариото на Божин Павловски, камерата на Бранко Михајловски, а музиката на Ристо Аврамовски. Со фокус врз вистинските луѓе и нивните судбини, „Австралија, Австралија“ претставува документарно сведоштво за иселеништвото, припадноста и значењето на домот.

Филмот и неговите автори се добитници на повеќе награди и признанија во 1976 година:

Гран при „Голем златен медал“ на Фестивалот на југословенскиот документарен и краткометражен филм во Белград, за Столе Попов; Награда од публиката на филмскиот фестивал во Тузла; Годишна награда на списанието „Млад борец“; Тринаесетноемвриска награда за тонската обработка на Глигор Паковски.

Истата година, „Австралија, Австралија“ бил и југословенски кандидат за наградата „Оскар“.

Половина век по создавањето, темите што ги отвора филмот остануваат актуелни, поврзувајќи ги искуствата на различни генерации иселеници. Јубилејната проекција е можност публиката повторно да го открие ова остварување на македонската документаристика и да се наврати на еден значаен дел од филмското творештво на Столе Попов.

Кинотеката ја поканува публиката на 28 ноември во 20:00 часот за заедничко одбележување на јубилејот на големото платно.

фото Кинотека на Македонија

Сподели: