Кинотека со 10 анимирани филмови ќе одбележи 10 години од смртта на Дарко Марковиќ

Сподели:

На 21 ноември 2026 година, со почеток во 20 часот, Кинотеката на Македонија ќе ја одбележи десетгодишнината од смртта на Дарко Марковиќ, еден од најзначајните македонски карикатуристи, аниматори и автори на анимирани филмови, со специјална ретроспективна проекција на десет негови кратки анимирани филмови.

Дарко Марковиќ (1940–2016) остави длабока и препознатлива трага во македонската визуелна култура, карикатурата и анимацијата. Со својот автентичен авторски израз, прониклив хумор, сатира и критички поглед кон општеството, тој создаде дела што и денес ја задржуваат својата уметничка вредност и актуелност.

Неговото творештво претставува значаен дел од историјата на македонската кинематографија и развојот на анимираниот филм. Преку едноставни, но моќни визуелни решенија, Марковиќ ги истражуваше човековата природа, општествените противречности, апсурдот на секојдневието и универзалните прашања на човековото постоење. Неговиот препознатлив цртеж и специфичен хумор создадоа единствен филмски јазик во кој карикатурата прераснува во подвижна слика, а сатиричниот коментар во универзална уметничка порака.

По повод оваа значајна годишнина, Кинотеката ќе прикаже десет кратки анимирани филмови создадени во периодот од 1976 до 1980 година, кои сведочат за креативната разновидност, оригиналноста и препознатливиот уметнички ракопис на авторот.

ПРОГРАМА – ГРАНИЦА (1976) – 6 мин., СТОП (1976) – 7 мин., ТРИ МИНУТИ ВО СВЕТОТ НА МИРОСЛАВ БАРТАК (1976) – 4 мин., БЕЛО ТОПЧЕ (1977) – 4 мин., ПЕТ ФИЛМА ОД РАКА (1977) – 4 мин., СТРЕЛБИ (1977) – 10 мин., БУКВАР ЗА ПИСМЕНИ (1978) – 11 мин., ПОСЛЕДНИОТ ПРОЗОРЕЦ (1979) – 1 мин., ЦИРКУС (1979) – 2 мин., РАКА (1980) – 11 мин.

Со оваа ретроспективна проекција, Кинотеката ја потврдува својата посветеност на зачувувањето, истражувањето и промовирањето на националното филмско наследство, потсетувајќи на авторите чии дела имаат трајно место во македонската културна меморија.

Сподели: