На 2 ноември, Клиниката за урологија ја презеде улогата на меѓународен едукативен центар, отворајќи ги своите врати за уролози од Бугарија, Србија, Косово и Албанија. Тие имаа можност да се запознаат со најсовремените хируршки методи во решавањето на уринарната инконтиненција и еректилната дисфункција со помош на уролошки импланти или протези.

Во рамките на еднодневната програма беа изведени три операции пред присутните уролози: имплантација на трикомпонентна пенилна протеза и два зафати за вградување вештачки уринарен сфинктер кај мажи. Покрај директната опсервација на операциите, учесниците имаа можност да научат повеќе и за изборот и подготовката на пациентите, видовите на импланти, начините на нивно вградување, како и можните постоперативни компликации.
Операциите и едукативната програма ги изведуваше проф. д-р Огнен Ивановски.
Оваа меѓународна едукативна хируршка сесија претставува значајен чекор во развојот на македонската урологија и потврда дека домашната медицинска експертиза не само што ги следи современите светски достигнувања, туку активно придонесува за нивно споделување и унапредување во регионот. Клиниката и во иднина ќе продолжи да биде центар за едукација, обука и стручно усовршување на уролози од регионот во оваа област.
Министерството за здравство ја поздравува оваа иницијатива и го изразува своето признание за стручниот ангажман на тимот на Универзитетската клиника за урологија и директорот д-р Башким Шабани, како и благодарност до Фондот за здравствено осигурување за поддршката во унапредувањето на нашиот здравствен систем.
Градењето современ здравствен систем значи и создавање центри на знаење, едукација и медицинска експертиза, кои ја позиционираат Македонија како релевантен регионален партнер во современата медицина.


