Колумна

КУЛТУРНА КВАЗИЕЛИТА – Александар ЛИТОВСКИ

Сподели:

Ете последниве денови, научивме дека криминалот, оној обичен мафијашки криминал, може да се пресади во душите и главите, да стане составен дел од личноста, генетски да го модифицира карактерот и да го отруе мозокот, па да произведе националшовинизам, идиотизам, беда на духот, краен егоизам, ѕверска бесчувствителност за туѓо страдање, суровост во односите кон другите, омраза… Криминалoт и неговите токсични ефекти ја уништуваат суштината на човечкото, ја уништуваат невиноста, ја разоруваат гордоста, ги трансформираат добрите во лоши, чесните во проститутки и кодоши, смирените во нервозни и бесни. Во нашиот случај, ја уништуваат и нацијата и државата.

Во сета магла од токсинчен етер, во сета поплава од фекалии, мазаут и радиоактивни честички, во неподносливата бучава од автомобилски и камионски мотори по улиците, во грмотевицата од човечки чекори и гласови низ плоштадите, во пискотниците „македонскиот јазик не го даваме“ од луѓе кои немаат поим од правилно зборување и пишување, во веењето на знамињата по митинзите и контрамитинзите, во гужвата создадена од толпата во која скоро сите имаат бугарски пасоши, се сметаат за антички потомци, а се колнат како „Македонци до гроб“, во огновите од кладите на кои се гореше умноста, срамот и македонскиот национален идентитет, во аморалниот земјотрес предизвикан од гнасни лустрации, масовни затворски или инспекциски казни и медиумски линч преку кој се уништуваа човечки судбини, беше нормално чесните луѓе и вистинските патриоти да страдаат и егзистенцијално да пропаѓаат.

Без намера да персонифицирам, туку пред се да генерализирам, ќе се обидам да исцртам еден имагинарен „вербален портрет“ на еден наш „врвен“ десничарско-демохристијански режисер, идеолог и практичар. Се разбира, овој „портрет“ е парадигма во која може да се смести огромниот дел од претставниците на нашата буржоаско-портокалова културна квазиелита, кои веќе десет години си делат награди, привилегии и пари меѓу себе, а сите останати ги трујат со омраза, со безразложен егзистенцијален страв, со глупав антикомунизам, празен национализам и суров фашизам.

Значи, во една таква затруена атмосфера, во време на долгогодишното портокалово владеење, во атмосфера на неподнослива реа на антимакедонизам и идиотизам, во целиот свој „сјај“ на македонското „интелектуално небо“ се појави познатиот некогашен социјалистички културен менаџер, кој се претставуваше и заработуваше како писател, режисер, филозоф…!? Тој „прв витез“ на режимската интелектуална фаланга, тој „мислител“ со болен мозок, со ретка брада и смешна шапка, но со „ненасита суета“ за „морничаво славољубие“ (како што умно би глаголел Благој Ристевски-Платнарот), се претстави сега, не само во улогата на политичар (со сите привилегии кои таа улога ги носи), не само како креатор на културната политика, туку и во улогата на идеолошки предводник на антикомунистичката културноестетска толпа во промената социјалистичката естетика и современиот модернизам во уметноста, литературата, урбанизмот, архитектурата… Тоа што најчесто беше празен формалиста и очигледен демагог, тоа што беше неуверлив и површен, па дури и крајно несовесен и неморален, не беше пречка да биде перцепиран како „голем интелектуалец“ во очите на сродните, портокалово-врховистички расположени духови, кои не можеа да согледаат дека во неговите зборови има само гол антикомунизам, плукање по социјалистичкото минато и сегашните опозициони противници и индиректно величење на бугароманијата на македонска почва.

Ете, направете експеримент: на овој челник на нашево сегашно идеолошко-културното злодејство, кој има „придонес во развојот ни популаризирањето на бугарската култура“, на овој режимски портокалов буржуј, земете му го „аристократското“ опкружување на новиот театар во „барок стил“, отстранете му го златото на рацете и вратот, тргнете му ја шминката од лицето, бојата од косата, слечете го од скапата облека, тргнете ми ја сета лага и карневалски сјај од телевизиски наместената позадина и лесно ќе видите дека пред вас ќе остане само обична мизерна пијаница, која се расфрла со фрази и демагогија, човек со полуинтелигентен изглед, со избрчкани женкасти раце, мизерен и потпросечен примерок на македонското културно-интелектуално поднебје. И тоа е, за жал, скоро сè што може да се каже за сета наша, „демохристијанска“ и врховистичка, културна и интелектуална квазиелита.

 

Сподели: