Квартетот „Стрингендо“ со концерт во Истанбул по повод 35 години независност на Македонија

Сподели:

По повод 35-годишнината од независноста на Република Македонија, Македонскиот културен центар во Истанбул утре, 8 септември, ќе приреди свечен концерт на квартетот „Стрингендо“ (Stringendo), со кој македонската музика и култура ќе бидат во фокусот на одбележувањето на празникот.

Концертот ќе се одржи во Културниот центар „Тарик Акан“ во Атаќој, Истанбул, со почеток во 20:00 часот, а влезот за посетителите е слободен. Настанот свечено ќе го отворат генералниот конзул на Македонија во Истанбул, г. Идрис Фазлиоски, и директорот на Македонскиот културен центар во Истанбул, Диме Ратајкоски.

Концертната вечер е посветена на одбележувањето на Денот на независноста, но и на долгогодишното пријателство и културните врски меѓу Македонија и Турција. Квартетот „Стрингендо“ (Stringendo), составен од истакнатите македонски музичари Наташа Лазаревска на обоа, Олгица Шундиќ на виолина, Љупка Каевиќ на виолончело и Андреја Наунов на пијано, ќе изведе композиции адаптирани за инструментален состав: „Јовано, Јованке“, „Мајка на Марика“, „Донка“, „Македонско девојче“, „Бор садила мома Евгенија“, „Пајдушко оро“, „Не си го продавај, Кољо, чифликот“, како и „Çanakkale“ и „Üsküdar’a Gider İken (Kâtibim)“.

Сподели: