СДСМ бара целосна истрага за сите скандали со Јанушев: Мито, фирма во Бугарија, имот, тендери

Сподели:

СДСМ бара целосна истрага за сите скандали поврзани со генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев – од случајот со возачот фатен со обележани евра за барање мито, преку фирмата во Бугарија и непријавениот капитал, до поклонетиот имот и милионските договори на „Маратон груп“.

„Возачот на генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев, е фатен со обележани евра. Барал мито-поткуп за да „среди“ вработување како пожарникар во Противпожарната бригада на Град Скопје“, истакна портпаролката на СДСМ и членка на Извршниот одбор, Богданка Кузеска.

„Овој скандал отвора едно клучно прашање: каква била улогата на Јанушев во овој случај со мито? Дали возачот е само негова продолжена рака и посредник? Возач нема никаква моќ да вработува. Но генерален секретар на Влада, како Игор Јанушев, кој воедно е член и на Извршниот комитет на ВМРО ОКГ. Ова не е изолиран случај, туку станува збор за уште еден скандал што се надоврзува на низа прашања поврзани со кабинетот на Јанушев. Ова е втор скандал оваа година поврзан со кабинетот на Јанушев.

Еден од случаите за кои СДСМ бара одговори е и фирмата „ФЛУГБАН ТРАНС“ ДОО со седиште во Ќустендил, Бугарија.
„Според документи од Бугарија, Јанушев, е поврзан со компанијата „ФЛУГБАН ТРАНС“ ДОО со седиште во Ќустендил, Бугарија. Дејност: патен линиски превоз на стока. Управител Кире Гешоски, трет партнер Сашо Апостоловски – сите од кругот на Мицкоски“, потенцираше Кузеска.

Кузеска укажа и на фактот дека Јанушев има бугарски пасош и бугарско државјанство, но дека во ниту еден анкетен лист до ДКСК не го пријавил бугарскиот капитал.
„Понатаму – скандалот со поклонетиот имот вреден 325.000 евра во најстрогиот центар на Скопје. Во истата зграда имот има и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Како се поврзани подарокот на Јанушев и имотот на Тошковски? Каков заеднички бизнис кријат? Огромен е и скандалот со милионските договори на „Маратон груп“ тежок 1,5 милиони евра и мрежата на фирми кои ги објави АКТ на СДСМ. Скандал со скандал. Сите поврзани со Јанушев“, рече Кузеска.

Кузеска рече дека одговорноста не смее да запре кај најниските нивоа, туку мора да се испита целата вертикала на одговорност.

„Оваа организирана криминална група нема граници. Пипалата на овој октопод почнуваат од возачите, преку директорите на претпријатија, министрите, па сè до претседателот на Владата. Да беа полицијата и обвинителството слободни и да работеа по закон, цела Влада ќе беше уапсена. Вака дел од полицијата ја врши својата работа, но исто како и за бодигардот на Мицкоски, на крај сите ќе бидат ослободени со еден повик по телефон. СДСМ бара целосна истрага – не само за возачот, туку и за улогата на неговиот шеф, Јанушев. Истрагата мора да се прошири и за фирмата во Бугарија, за поклонетиот имот и за целата мрежа околу Владата на Мицкоски. Граѓаните заслужуваат одговори. Одговорност мора да има“, порача Кузеска.

Сподели: