ЛАЈКА: Внимавајте на своите миленици овој топол период

Сподели

 

Топлиот бран кој што ја зафати нашата држава, но и регионот, има несомнено големо влијание врз сите животни. Јавното претпријатие за благосостојба на животните скитници Лајка во овие жешки денови уште еднаш апелира граѓаните да внимаваат на своите миленици, особено кучињата. Во овој период, грижата и заштитата од топлото време е важно за превенција од топлотен удар кај милениците.

 

 

Се разбира, токму летните горештини се идеално време за редовно бањање, но пред сè за освежување на милениците. Градоначалникот на Општина Бутел, Велимир Смилевски, кој е голем љубител на кучиња, денеска волонтираше во ЈП Лајка. Слатката Дикси имаше можност да ужива во капењето и третманот, пред да замине во својот нов дом.  

 

 

Со оглед на временските прогнози кои што најавуваат дека топлото време ќе се задржи и наредниот период, ние уште еднаш препорачуваме кучињата да се шетаат во раните утрински часови или доцна попладне, да се избегнува одење по жежок афалт, да престојуваат под сенка доколку сè на отворено и секогаш да имаат на располагање свежа вода. Да не се оставаат милениците во затворено возило, дури и во денови кога температурите се ниски.

Доколку кучињата дишат забрзано и отежнато, имаат зголемен пулс и забрзана работа на срцето, прекумерно лачат лигавица од устата или имаат висока температура, укажува дека миленикот има топлотен удар. Во тој случај, како што препорачува нашиот доктор по ветеринарна медицина, Виктор Груев, кучето треба веднаш да се однесе на ветеринар. Доколку сопственикот не е во можност итно да го однесе кучето на лекар, тогаш треба да се повлече миленикот во темна просторија каде нема директен контакт со сонцето, да му се постави ладна-мокра крпа на вратот или главата, или да се обезбеди црево со вода кое што ќе тече низ неговиот абдомен. И покрај овие итни превземени мерки, најдобро е миленикот сепак да се однесе на ветеринар.