Локомотива програма на МОТ: У.Ф.О – Омаж за Каталин Ладик

Сподели

 

Локомотива програмата на МОТ оваа година ќе го претстави перформансот „У.Ф.О. – Омаж за Каталин Ладик“ на 10 ноември во 20 часот во Денсинг салата на Младинскиот културен центар.

„У.Ф.О. – Омаж за Каталин Ладик“ ја доби наградата за најдобар перформанс на овогодинешното издание на Современата танцова платформа во Словенија, а ќе имаме можност да го гледаме на театарскиот фестивал МОТ како дел од програмата на Локомотива – Центар за нови инцијативи во уметноста и културата.

Унгарско-српската поетеса и изведувачка Каталин Ладик се смета за „Јоко Оно на Балканот“ и пионерка на звучната и изведбената уметност во Југоисточна Европа: со „SoundBodyPoetry“ од нејзиниот радикален боди арт перформанс „UFO Party“ од 1969 година, ја разбранува тогашната уметничка сцена и воспоставува методи на експериментален пристап кон гласот и танцовиот перформанс веќе во седумдесеттите години на 20 век.

Во нивната прва соработка, германската танцова и вокална уметница Јуле Флирл и словенечката кореографка и вокалистка Ирена З. Томажин го слават заедничкиот интерес за уметничката позиција на Каталин Ладик: омаж што ги замаглува границите помеѓу поезијата, актерството и експерименталната работа со гласот, истовремено продолжувајќи го истражувањето на двете уметници во областа на физичкото искуство на јазикот и артикулацијата на различни слоеви на гласот. Концептот, кореографијата, изведбата се на Ирена З. Томажин и Јуле Флирл.

Времетраењето на изведбата е 60 минути. Наменета е за публика над 16 години. Поголемиот дел од изведбата е на англиски јазик.

Оваа претстава на МОТ фестивалот е дел од проектот (Не)Врзани Движења, а е курирана од Биљана Тануровска-Ќулавковски а продуцирана од Емилија Чочкова.

(Не)Врзани Движења е поддржан од програмата Креативна Европа/Европска соработка Западен Балкан.

Проектот (Не)Врзани Движења/ (Non)Aligned Movements е развиен во партнерство помеѓу СТАНИЦА Сервис за современ танц, Белград; Номад танцова академија Словенија, Љубљана; Номад танцова академија Хрватска; Танцфабрик Берлин и ЛОКОМОТИВА Центар за нови иницијативи во уметноста и културата, Скопје.