Македонија официјално влезе во реномираниот Good Travel Guide 2026

Сподели:

Туристичкиот сектор во Македонија продолжува да бележи значајни успеси. Најнов пример за тоа е Konak Hilltop Lodge & Villa кој во соработка со Sky Macedonia официјално влезе во реномираниот Good Travel Guide за 2026 година. 

Проектот успешно го помина процесот на евалуација „GTE Scan“ со максимален резултат од 100 поени, што значи дека понудата е целосно усогласена со принципите на одржлив туризам. По повеќемесечна подготовка, анализа, тестирање и две независни ревизии спроведени од Green Destinations, македонскиот тим успеа да обезбеди место меѓу најдобрите.

Со ова, Крушево за првпат добива туристички производ вклучен во престижната листа на „Good Travel Guide Experiences“, во конкуренција од 29 земји и три континенти.

Препознаената понуда, насловена „Fly Green“, претставува иновативна и одржлива параглајдинг тура која комбинира природа, култура и адреналин. Таа вклучува сместување во еко-сертифицирани капацитети, сценични прошетки низ природата со едукативен аспект, гастрономско искуство со локални специјалитети од одржливи извори, како и тандем летови со сертифицирани пилоти над Крушево, проследени со водичко толкување на културно-историското наследство.

Организаторите потенцираат дека успехот е резултат на посветеност кон одговорен развој на туризмот и внимателно управување со природните ресурси.

„Ова е доказ дека Македонија има капацитет да понуди врвни одржливи туристички искуства на светско ниво“, истакнуваат од тимот.

Вклучувањето во Good Travel Guide претставува значаен чекор за позиционирање на Крушево како зелена и одржлива туристичка дестинација, со потенцијал да стане пример во регионот и пошироко.

Сподели: