Колумна Текстови

МАКЕДОНСКА РЕНЕСАНСА – Александар ЛИТОВСКИ

Сподели:

 

Пред петстотини години ренесансата го вратила Човекот на европската општествена сцена. Таа „станала“ против догматизмот и јаловоста на средновековниот религиозен дух. Ја променила климата на празна религиозна надеж во клима на ценење на човечкото достоинство. Свртена кон човекот, а на кон Господ, таа почнала да зборува за улогата на луѓето како чинители, како граѓани, како фактори во природата, општеството, политиката… Генерално погледнато, таа имала резултат во повторното откривање на моралните, интелектуалните и духовните вредности содржани во хуманистичките традиции од античкиот свет, но и во нивното прилагодување на потребите на новото време.

Нам, денес, по единаесетогодишен општествен, политички, економски, здравствен, образовен, идејно-идеолошки, демократски регрес ни е потребна своевидна македонска ренесанса. Имено, хаосот кој порокаловата мафија го создаде со инсталирањето на ретко видена политичка хипокризија, ретко виден клиентилизам, ретко видена медиумска тортура, ретко виден аматеризам во сите сегменти од животот, ретко виден криминал од позиции на власт, со отворањето на безброј прашања и нерешавање скоро на ниту едно од нив, со историскиот ревизионизам преку кој го врати товарот на националните дилеми од изминатите векови, од нас, сосема сигурно, бара нов почеток.

Тој политичко-криминален хаос предизвика патолошко заболување на мозокот кај мнозина македонски граѓани, а тоа пак се очитува како целосно политичко и национално неснаоѓање, ниту во проблемите кои нè потиснале, ниту во геополитичката игра околу нас. Всушност, самото име на партијата на портокаловите е едно архаично, анахроно и контрадикторно име за 21. век. Тоа е едно такво име кое станало симбол на застарениот терет, симбол на гнилото наследство на врховизмот, на лажните слики и кривите поими, на оној идејно-теоретски галиматијас што денес како фантом на ревизионистичка историографија се јавува низ македонската стварност. За тоа име сосема неоправдано и неаргументирано се пишуваше и се пишува, гласно фалбаџиски, дека е прапочетокот и „есенцијата“ на македонската национална борба за слобода, се врзуваа измислени херојства, се премолчуваше неговиот бугаромански карактер, се разубавуваа биографиите на неговите втемелувачи, се премолчуваа дури и современите „желби“ и обиди за демакедонизација, за делба на Македонија „до и отаде Групчин“, за неуспешната и луда воена авантура во 2001 г., за актуелното единаесетгодишно бандитско и антинационално владеење…

Нашата македонска ренесанса треба да го врати хуманизмот во центарот на нашата политиката. Таа треба да ја промени општата клима во државата од шовинизам, клиентилизам, коруптивност, страв, во ценење на човечкото достоинство. Нашата ренесанса мора да биде против јаловиот национализам и политичката омраза која портокаловите властодршци ја сееја цели единаесет години. Фактички, нас ни треба повторното откривање на моралните, интелектуалните и духовните вредности содржани во традициите на времето пред портокаловото цунами, нормално, прилагодени на новото време. Треба таа наша ренесанса да ги врати обичните луѓе од улиците во институциите, на работните места, да ги врати на политичката сцена како граѓани, како чинители кои реално одлучуваат, а не како до сега, како толпа која со својот ангажман служи да ја заштити портокаловата кримогена елита од политичка и кривична одговорност.

Македонска ренесанса треба да овозможи патриотизмот да се демитологизира и деапсолутизира. Тоа значи дека патриотизмот нема да се втемелува врз монументалната историја (онака како што ја дефинирал Ниче), ниту ќе се врзува за некоја од политичките партии. Тоа значи дека насприти, досегашниот шовинистички и рахитичен „патриотизам“ кој нè доведе до општо назадување, меѓународна изолација и до бездната на целосен распад на државата, наспроти таквиот лажен „патриотизам“, кој ја поставува „нацијата“ како единствена и незаменлива вредност, ќе треба да изградиме чувство на питома и мирна љубов кон родината и тоа, синхронизирано, со прифаќање на системот од универзални хуманистички и цивилизациски вредности. За да тргнеме во новата, наша, македонска ренесанса, веројатно треба да го послушаме стариот совет од најважниот текст на Ренесансата – „За достоинството на човекот“ (De dignitate hominis)од Џовани Пико дела Мирандола, по кој секој од нас „треба да верува во сопствената совест, повеќе отколку во судовите од другите…“, но треба добро да ја запаметиме и онаа ренесансна мудрост впишана и на Дубровничката тврдина: „Non bene pro toto libertas venditur auro“ („Слободата не се продава ниту за сите богатства на светот“).

Сподели: