18 септември е последен рок за пријавување за Виз Ер Скопски Маратон 2026

Сподели:

Скопје се подготвува за уште едно големо спортско доживување, а времето за пријавување за Виз Ер Скопски Маратон 2026 истекува. 18 септември е последниот ден за пријавување, па сите кои сакаат да бидат дел од тркачката еуфорија на 4 октомври имаат уште малку време да го обезбедат своето место на стартот.

Програмата на Виз Ер Скопски маратон 2026 нуди различни можности за учество. На програмата се маратонот на 42,195 км, полумаратонот на 21 км, штафетниот маратон „ЕУ за спорт“ и рекреативната трка на 5 километри. Покрај во полумаратонот и на трката на 5КМ, од оваа година тимско натпреварување (Team Building трка за компании), ќе има и во маратонската трка.

Годинашниот Виз Ер Скопски маратон веќе привлекува голем интерес и надвор од границите на Македонија. Досега се пријавени учесници од 61 земјa, со што маратонот уште еднаш ја потврдува својата меѓународна димензија и позицијата на значаен спортски и туристички настан во регионот. Покрај домашните натпреварувачи, најголем број пријавени странски учесници досега има од Србија, Германија, Велика Британија, Шпанија, Италија, Франција, Унгарија, Турција и Холандија. На 4 октомври, Скопје повторно ќе биде место каде што преку спортот ќе се поврзат луѓе од различни земји и култури.

Виз Ер Скопски маратон е настан за сите – од професионални атлетичари и искусни тркачи, до рекреативци, почетници, компании, спортски клубови и тимови кои сакаат да споделат заеднички предизвик. Без разлика дали целта е да се истрча првиот маратон, да се постави нов личен рекорд, да се направат првите чекори во светот на трчањето или едноставно да се биде дел од една голема спортска приказна, секој може да го пронајде својот предизвик.

Трчањето не е само спорт. Тоа е процес кој бара посветеност, дисциплина и истрајност, но истовремено носи чувство на напредок и лична победа. Секој тренинг, секој истрчан километар и секоја надмината граница се чекор кон подобра верзија од себе. Токму затоа, мотото на Виз Ер Скопски маратон е „Трчањето ќе те промени“ – порака која ја истакнува трансформативната моќ на трчањето и позитивното влијание што спортот може да го има врз секојдневниот живот.

Сподели: