Марш за правата на студентките: Ти не си виновна!

Сподели

 

На 08.03.2020 сакаме да ја прославиме борбата за женските права со продолжувањето на истата и приклучување кон “Марш за женски права: Ти не си виновна”.

Во очи на празникот 8-ми март, секој од нас може да се запраша, колку е всушност среќен овој 8-ми?

Сведоци сме на секојдневното избуткување на жените на маргините од нашето општество, во здравството, на работното место и пред сè во образовниот систем. Неретко студентките при нашиот универзитет се среќаваат со дофрлување, понижување и вознемирување од највисок степен.
Не можеме да бараме целосно вклучување на жената во општеството како рамноправна, како човек, ако образовниот процес постојано и се загрозува уште од основното па се до високото образование. Време е да застанеме заедно и да се спротивставиме на сите оние кои си дозволиле да ги поминат границите на својот авторитет, време е да се спротивставиме на сите кои сметаат дека жените стојат на располагање за чисто естетски причини и на сите кои сметаат дека не сме во позиција да кажеме “НЕ”. Време е да им подадеме рака на колешките, да им се придружиме во борбата и да им помогнеме да им се чуе гласот.

Инспирирани од пораката на овогодинешниот марш ве повикуваме да излеземе заедно на улиците во 11:30 часот.

Рутата на маршот ќе биде од Ректорат до Плоштад Карпошово востание, каде што ќе се приклучиме на официјалниот 8 мартовски марш.

За сите оние кои биле изложени на ваквиот третман во своето образование. Заедно да се спротивставиме!

Студентките не се виновни! – споделија на својот фејсбук профил од Универзитетското студентско собрание на УКИМ кои се организатори на маршот.