“Матурска парада 2019” на плоштад „Македонија“

Сподели

На плоштадот „Македонија“ денеска се одржа „Матурската парада 2019 “, а матурантите од Скопје точно напладне, заедно со своите врсници од повеќе градови од земјава и од Европа, по 13. пат го одиграа танцот „квадрил“ на звуците на штраусовата опера „Лилјакот“. „Матурската парада“ ја отвори градоначалникот Шилегов.

 

 

– Драги матуранти, со завршувањето на средното образование Вие затворате едно важно поглавје во вашите животи, поглавје во коешто убеден сум, имајќи во предвид како полека ги подобруваме условите во нашите училиштата, е период во којшто сте се стекнале со знаење за понатамошната иднина. За наша и ваша среќа за првпат навистина можеме да и кажеме на Eвропа дека сме дел од неа, јас сум убеден дека и вашите врсници од 25 различни земји од Европа за првпат  ве чувствуваат и како дел од неа.  Сакам да ви пожелам на сите да имате успешно лето и да имате успешни уписи, а знаењата и искуствата коишто ги стекнавте во изминатите 4 години во средните училишта ќе ви помогнат од ден на ден да бидете подобри  и поблагородни луѓе и да градите убави односи со луѓето околу вас – им порача Шилегов на матурантите.

 

 

На  „Матурска парада” во Скопје учествуваа околу 1.000 ученици од 22 средни училишта во Скопје, како и матуранти од средни училишта од Охрид, Струга, Струмица, Гевгелија и од Валандово.

 

 

Пред започнувањето на танцот „квадрил“, матурантите  тадиционално  положија заклетва за ненасилство и толеранција.

 

 

Организатори на годинешнава Матурска парада се Дирекцијата за култура и уметност на Скопје во соработка со танцовиот клуб „Ритам плус“, а покровител на манифестацијата е Градот Скопје. Поддржувач на оваа традиционална манифестација е Делегацијата на Европската унија во Република  Северна Македонија.