Алтернатива Настани

Меѓународен фестивал на филмска монтажа „Синематик“

Сподели:

Меѓународниот фестивал на филмската монтажа „Синематик“, ќе биде отворен денеска, во 20 часот во киното „Милениум“.

Фестивалот го организира Асоцијацијата на филмски професионалци и ТВ-соработници на Македонија Скопје, со поддршка од Агенцијата за филм на Р. Македонија.

Фестивалот ќе биде отворен со македонска премиера на албанско-италијанско-македонската копродукција „Скршено“ (Broken) во режија на Едмонд Будина.

Тридневниот филмски фестивал ги става во фокус монтажерите и направен е во нивна чест, со цел да им се даде признание во филмската уметност. Токму затоа, фестивалот доделува награда за животно дело на еден монтажер.

Награда за животно дело за монтажа ќе му биде врачена на годинашниот лауреат Андрија Зафрановиќ, кога во негова чест ќе биде прикажан филмот „Уставот на Република Хрватска“ во режија на Рајко Грлиќ.

Зафрановиќ претходно денеска во 11 часот на Факултетот за драмски уметности во Скопје ќе одржи мастер-клас.

Во официјалната програма на фестивалот, освен „Скршено“ и „Уставот на Република Хрватска“, се уште четири филмови. Тоа се првата руско-македонска копродукција со литванско учество „Хармс“ (2017) во режија на Иван Болотников, семејната драма „Лето 1993“ (2017) на Карла Симон кој беше најдобар дебитантски филм на „Берлинале“, германската драма „Генерација Милениум“ (2017) во режија на Јана Биргелин и тинејџерската драма „Центарот на мојот свет“ на Јакоб Ерва, филм кој беше прикажан на повеќе од 30 фестивали во светот, а меѓу другото ја освои и Баварската филмска награда за режија. Програмата ќе се прикажува во Кинотеката на Македонија.

Повеќе за распоредот на проекциите овде: http://cinematicff.com/program.html

 

Сподели: